X
 04.01.2021 Култура

Најубавите замоци во Германија

Зачекорете во прекрасните замоци кои инспирирале многу уметници низ светот.

Откријте ги скапоцените камења на Германија кои со својот дух, архитектура и грандиозност постојано ги инспирираат уметниците и го наоѓаат своето место во книгите, бајките и оперите.

Погледнете ја листата со 7 замоци во Германија составена од „Смитсонијан“.

Замокот Шверин (Мекленбург-Западна Померанија)



Во 1857 година, речиси еден милениум по првото реновирање, овој замок конечно бил завршен. Служел како симбол на моќта на династијата и нејзиниот основач, Фредерик Франц Втори од Мекленбург-Шверин. Денес, овој замок е музеј со многу интересни експонати, од колекција порцелан до наследна галерија со слики што наскоро ќе се најде на списокот на УНЕСКО за културно наследство.

Замокот Хоенцолерн (Баден-Виртемберг)


Седиштето на пруското кралско семејство, замок што извира од маглата, скриен меѓу дрвјата, има три одделни дела. Првиот дел датира од 1061 година. Вториот дел бил изграден во 1454 година и претворен во тврдина, а третиот дел бил изграден од кралот Фредерик Вилијам IV од Прусија во периодот од 1850 до 1867 година. Историските експонати што се сочувани се круна на Вилхелм Втори, крал на Прусија, некои од личните предмети на кралот Фредерик Велики, па дури и писмо од Џорџ Вашингтон во кое се изразува благодарност до потомокот на баронот Фон Штубен за неговата служба за време на Револуционерната војна. Денес, коморите се отворени за јавноста, заедно со разни колекции на богатства во трезорот - вклучувајќи сребро и порцелан.

Замокот Елмау (Баварија)



Стилот на конструкција и дизајн е преземен од Обединетото Кралство, а познат е по минимализмот и едноставниот класичен изглед. Замокот бил изграден во 1914 година, а бил реновиран како луксузен спа-центар и еден вид бегство од цивилизацијата.

Замокот Елц (Рајнска област-Пфалц)


Елц е средновековен замок сместен во ридовите недалеку над реката Мосел, кој бил изграден за да ги заштити трговските патишта во 1157 година. Бил завршен во 1472 година и го задржал оригиналниот изглед до денес. Семејствата се менувале во вековите, а денес, по промената на 33 генерации, сè уште е во сопственост на истото семејство. Семејството Елц живее во приватни простории во внатрешноста на замокот, додека останатите простории се чуваат отворени за посетителите. Познат како ризница на пари, замокот е исполнет со експонати од злато, сребро и порцелан, како што доликува на благородништво.

Замокот Драченбург, (Кунигвинтер)


Овој замок го добил прекарот „Замокот на змејот“ по книгата во која главниот лик Зигфрид убива змеј токму во овој замок и, капејќи се во неговата крв, станува неранлив. Оваа приватна летна вила е изградена кон крајот на 19 век. Баронот Стефан фон Сатер, банкар и експерт за финансии, го изградил замокот како почит кон неговата љубов. До завршувањето на замокот, неговата голема љубов починала и тој никогаш не успеал да живее во замокот. Денес, имотот е во сопственост на државната фондација Северна Рајна-Вестфалија и служи како попатна станица на пругата што води директно до замокот. Турата вклучува пристап до историските простории, како и пристап до северната кула и Варбург (надворешниот двор).

Замокот Вартбург, Тирингија



Замокот бил изграден од војводата Лудвиф од Тирингија во 1067 година и е познат по тоа што композиторот Ричард Вагнер ја напишал својата опера „Танхаузер“ токму тука, како и по тоа што унгарската принцеза Елизабета живеела и работела во замокот Вартбург. Во 1521 година Мартин Лутер, маскиран во витезот Џорџ, тука нашол засолниште од католичката инквизиција и го превел на германски Новиот завет. Денес, овој средновековен замок се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО и се користи како сала за концерти на класична музика, а посетителите можат да уживаат во неговата убавина во текот на целата година.

Извор: B92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура