X
 04.01.2026 Живот

Голема колку 30 фудбалски терени: Најголемата новогодишна елка во светот осветлува гратче во Италија

Секоја година, на падините на планината Ингино над италијанското гратче Губио, ноќите ги осветлува најголемата новогодишна елка на светот, еден од најпознатите симболи на божиќниот период во Умбрија и цела Италија.

Губио е едно од најубавите средновековни гратчиња во централна Италија. Спектакуларната светлосна инсталација првпат била поставена во 1981 година, а во 1991 станала дел од Гинисовата книга на рекорди. Дрвото се состои од повеќе од 700 светилки поврзани со приближно 8.500 метри електрични кабли и се гледа од километри оддалеченост.

Обликот на елката е обележан со повеќе од 300 зелени светла, а внатрешноста е исполнета со повеќе од 400 шарени ламби. Ѕвездата на врвот има површина од околу 1.000 квадратни метри и ја сочинуваат повеќе од 250 светла, кои се протегаат сè до базиликата на свети Убалдо, заштитникот на градот.

Целата инсталација е висока околу 750 метри, широка 450 метри и голема колку 30 фудбалски терени. Токму поради својата импресивност, секоја година привлекува илјадници посетители од Италија и светот.


Од самиот почеток проектот го одржува група посветени волонтери. Ламбичките традиционално се палат на 7 декември, со свечена церемонија на која учествуваат истакнати личности од културата, науката и хуманитарната работа. Меѓу оние кои низ годините учествувале во церемонијата на палењето ламби биле двајца папи: Бенедикт XVI и Франциск, како и претседателот на Италија, Џорџо Наполитано.

Сите кои сакаат можат да учествуваат во иницијативата „Посвоj светло“ и да го посветат на сакана личност со донација од 15 евра. Собраните средства делумно се користат за покривање на трошоците за електрична енергија. Секоја ламбичка е достапна за посвојување за време на божиќната сезона, а следната година повторно се отвора за нови посветувања.

Извор: Zimo.dnevnik.hr 

Фото: Facebook

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот