X
 12.12.2025 Живот

Италија ќе им ги враќа парите од патарините на возачите заглавени во сообраќај

Неподносливите сообраќајни метежи се најголем кошмар за секој возач, а Италија се обидува да ги намали со јасни и строги правила. Многу поголеми градови како Рим, Милано и Неапол во историските центри имаат зони со ограничен сообраќај, а на туристите им се препорачува да користат јавен превоз или воз наместо автомобил.

Освен тоа, италијанските возачи ги бие глас дека се прилично агресивни, па потребно е дополнително внимание особено ако станува збор за возач-почетник. И на автопатите е прилично хаотично, особено во викенди и во лето, но тоа би можело да се промени. Имено, Италија најави дека ако возачите заглават во метеж во сообраќајот, од 2026 година ќе добијат поврат на парите.

Ова се условите за целосен или делумен поврат на патарината


Секој што ќе заглави во сообраќај на италијанските автопати би можел да добие целосен или делумен поврат. Звучи одлично, но возачите треба да знаат дека новата практика нема да важи за сите ситуации.

Имено, новите правила ќе важат само ако метежот е предизвикан од градежни работи на патот. Во зависност од должината на колоната, возачите ќе добијат делумен или целосен поврат. Исклучок се несреќи, лоши временски услови и итни работи.

На овој начин Италија поставува нов меѓународен стандард бидејќи ниту една друга туристичка дестинација не нуди ваков систем. Засега се знае дека повратот нема да се исплаќа автоматски, туку ќе мора да се побара преку мобилна апликација што ќе ги обедини сите приватни оператори на автопатите. Постапката донекаде наликува на надоместот што веќе го нудат германските железници.

Повратот ќе може да се побара за доцнење од само 10 минути на маршрути до 50 километри. За подолги растојанија, правилото важи за доцнење од 15 минути. Ако застојот трае подолго од три часа, следува целосен поврат на патарината. Но, нема надомест за итни интервенции, несреќи или проблеми поради временски услови.

Италија има околу 7.000 километри автопати


Точниот износ на повратот ќе го утврдуваат операторите на автопатите, согласно насоките на транспортната управа. Веста особено ги израдува германските патници со оглед на тоа што само во 2023 година околу 12 милиони Германци патувале во Италија. 

Нова заштитна мерка што нуди поголема сигурност

Министерот за сообраќај Матео Салвини ја поздрави новата одлука нарекувајќи ја „пресвртница“ во правата на возачите. Никола Закео, претседател на италијанската управа за автопати, додаде дека станува збор за заштитна мерка за патниците што одговара на конкретна потреба, што значи дека ќе им обезбеди поголема сигурност на граѓаните кои сè почесто се соочуваат со доцнења и непријатности поради работа на патот или сообраќајни блокади.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот