X
 04.02.2019 Технологија

„Фејсбук“ денес слави роденден, еве како Закерберг пред 1,5 деценија објаснуваше што е тоа

Поминаа 15 години од основањето на „Фејсбук“. Најпопуларната социјална мрежа на светот е создадена на 4 февруари 2004 година во студентската соба на Марк Закерберг на „Харвард“ и оттогаш оствари незамислив успех, привлекувајќи 2,3 милијарди корисници кои ја користат платформата за размена на информации и поврзување. Денес мрежата е изложена на критики дека е поконцентрирана на раст отколку на заштита на корисниците.

Минатата година „Фејсбук“ беше вплеткан во низа скандали во врска со заштитата на податоци и нарушувањето на приватноста на корисниците.

- По низа предизвици во 2018 година, „Фејсбук“ веќе не го фалат за иновативност. Сега го критикуваат. „Фејсбук“ има 15 години и се соочува со зрелоста. Тоа не е веќе компанија која е на почеток - истакна аналитичарката на пазарот, Дебра Aхо Вилијамсон.

Само дигиталниот гигант „Гугл“ има повеќе приходи од „Фејсбук“ од рекламирање на интернет. „Фејсбук“ е сопственик и на апликациите „Инстаграм“, „Месинџер“ и „Вацап“ и сите тие имаат по повеќе од милијарда корисници. Закерберг и понатаму го брани својот деловен модел и тврди дека „Фејсбук“ не продавал податоци за своите корисници и дека може да му се верува.

Останува на тоа дека неговата социјална мрежа заработува од целните реклами засновани на она што ќе го дознае од корисниците и така ја одржува услугата бесплатна. Компанијата признава дека мора да направи повеќе за да ја врати довербата, па вложила милијарди долари во безбедноста и има 30.000 луѓе што работат само на тоа. Покрај бранот скандали, „Фејсбук“ минатата година имал рекордна добивка од 22 милијарди евра.

Покрај сите критики, убаво е да се потсетиме на невините почетоци. Тогаш, пред 15 години, младиот Закерберг на свои 19 години се вклучи во емисија на Си-ен-би-си за да го објасни „Д Фејсбук“. Имено, кога беше основан „Фејсбук“ во името го имаше и тоа „Д“, кое беше отстрането во 2005 година.

Тогаш никој не можеше да претпостави дека „Фејсбук“ ќе стане толку големо нешто, па ниту самиот Марк. Видно возбуден поради камерите, Закерберг тогаш раскажа дека очекувале неколку месеци по лансирањето да имаат околу 500 корисници, но тогаш веќе имале повеќе од 100.000. Тогаш „Фејсбук“ беше социјална мрежа само за студенти, а целта беше покрај „Харвард“, да придобијат уште 100 или 200 факултети. Плановите малку се изменија, па денес имаат повеќе од 2,2 милијарди корисници.

Погледнете како Марк го објаснуваше зародишот на социјалната мрежа без која денес многумина не можат да си го замислат животот.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија