X
 04.02.2023 Наша тема

ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ е прво училиште чиј хор освои прво место на Интернационален натпревар во Италија

Ние сме прв и мислам единствен училиштен хор кој инклузивноста ја имплементира преку преводот на песните со употреба на знаковниот јазик, на што сум особено горда, истакнува професорката Ангеловска, која од 1998 го предводи хорот

Хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје неодамна го освои првото место на Интернационалниот фестивал во Ричоне, Римини, Италија, настапувајќи под името „Сите бои на уметноста“. Македонскиот хор и оркестар под менторство на професорката по музичко Вера Ангеловска се покажа во вистинско светло и ги освои симпатиите и гласовите на жирито.

- Хорот во „Кузман Јосифовски-Питу“ постои откако постои училиштето. Членовите не се постојани затоа што секоја година една генерација си оди, но затоа пак друга доаѓа и секогаш нашиот хор брои од 45 до 50 члена. Јас сум со хорот од 1998 година и постојано работиме и се дружиме. Хорските проби ги држиме најчесто трипати неделно, но ако имаме некој настап, се случува и секој ден да имаме проба. Програмата најчесто заедно ја одбираме и се состои од сите жанрови на музика: класични, забавни, детски, народни композиции - ни сподели професорката Вера Ангеловска.



Хорот на „Кузман Јосифовски-Питу“ секоја година учествува на разни натпревари, на општински, регионални и државни, а последниве две години активен е и на меѓународната сцена, односно и на меѓународни натпревари.

- Освен натпреварите, нашиот хор има учествувано на разни манифестации во соработка со локалната самоуправа, како дел од настани на нашата Општина Кисела Вода, УСАИД, УНИЦЕФ, холандска амбасада, прославувајќи го роденденот на кралот, британска амбасада - чествувањето на Кралицата Елизабета во вилата на претседателот. Соработуваме и со нашите факултети, разни издавачки куќи на промоции на книги, во старски домови, градинки и секаде каде што сме поканети и сакаат да нѐ чујат. Но морам да напоменам дека сме прв и мислам единствен училиштен хор кој инклузивноста ја имплементира преку преводот на песните со употреба на знаковниот јазик, на што сум особено горда - истакнува професорката Ангеловска.

Сиот нивен труд, работа и сето вложено време биле повеќепати наградувани со многу дипломи и признанија.



- Можам да кажам дека секогаш сме наградени со први места на сите натпревари, тоа се околу 50 дипломи, 5 први места на меѓународни фестивали во Италија, Украина, Србија, Франција и во Шпанија, благодарници за учество на манифестациите, а јас пред две години бев прогласена за најдобар предметен наставник од моето училиште и оваа година го добив признанието за најдобар предметен наставник на град Скопје - ни изјавува Ангеловска.

Хорот предводен од Ангеловска пред две години освои и прво место на онлајн фестивал во Италија.

- Добивме парична награда и покана да учествуваме со физичко присуство на нивниот фестивал. Желбата беше преголема и штом мерките од пандемијата се тргнаа, ние се пријавивме, учествувавме и го освоивме првото место на фестивалот под името „Сите бои на уметноста“ во Римини. Жирито беше фасцинирано од фактот дека ученици од основно училиште на часовите по хор и музичко образование го стекнуваат знаењето, бидејќи мислеа дека сме хор на основно музичко училиште - ни раскажува професорката Вера.



На фестивалот учествуваа 9 држави.

- Со оглед на тоа дека бевме единствен ансамбл од основно училиште, конкуренцијата беше голема бидејќи тие ансамбли беа составени од музички добро потковани членови. И, за разлика од другите ансамбли кои броеја 18-25 члена, нашиот хор броеше 31 член и 9 блок-флејти што, сакам да укажам на бројноста од која многу значи и звучноста, придонесе да ги освоиме гласовите на жирито. Пресреќна сум што моето училиште ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ е прво училиште чиј хор го освои првото место и воопшто досега учествувал на интернационален натпревар - споделува Вера.

Тие продолжуваат со вежби и настапи.



- Учествувавме и на хуманитарен базар, на контактно-рекреативни емисии, се подготвуваме и за натпреварите што претстојат во нашата држава. Но, исто така, се подготвуваме да го освоиме и светот со учество на онлајн фестивал во Австралија, Кина, Јапонија. Но деталите наскоро ќе ги знаеме - посочува професорката Вера Ангеловска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема