Сталин еднаш ги опишал писателите како „инженери на човечката душа“ и тврдел дека производството на души е поважно од производството на тенкови. Тој верувал дека литературата е моќна политичка алатка - толку многу што бил подготвен да ги погуби писателите чии дела ги сметал за предавнички.
Еден од шефовите на ЦИА за време на Студената војна имал сличен став и ги нарекол книгите „најважното оружје на стратешката пропаганда“. Во тој период разузнавачките агенции субвенционирале автори. Следните книги се создадени на тој начин, пишува „Бонитет“.
Книги на Радјард Киплинг
Британската разузнавачка служба нарачувала белетристика од писатели кои ги поддржувале империјалистичките претензии и самата империја, а еден од овие автори бил нобеловецот Радјард Киплинг, чија улога како пропагандист на Британската Империја често се заборава.
Тој бил регрутиран од разузнавачката служба за време на Првата светска војна да пишува фикција која се обидувала да го поткопа индискиот национализам. Тој искористил писма на индиски војници кои се бореле во Франција за да ја напише книгата „Очите на Азија“. Критичарите ја нарекле книгата „позитивен, детален и нестереотипен портрет“ на индискиот народ.
„Доктор Живаго“
За време на Студената војна, ЦИА се обиде да ја поткопа цензурата во Советскиот Сојуз со тајно промовирање книги и списанија. Шпионите ги дистрибуирале романите на Фјодор Достоевски, Лев Толстој и Владимир Набоков, а омилен автор им бил Борис Пастернак. Неговиот роман „Доктор Живаго“ беше прогласен за книга со „голема пропагандна вредност“, во меморандум на ЦИА од 1958 година. Со оглед на тоа дека се работи за љубовна приказна, ова можеби изгледа неверојатно, но ЦИА не ја интересирал само „предизвикувачкиот карактер“ на романот, туку и „околностите на неговото објавување“.
Италијански „ловец на таленти“ го прошверцувал ракописот на „Доктор Живаго“ во Италија бидејќи советските издавачки куќи ја игнорирале книгата. ЦИА го сметала за „можност да ги натера советските граѓани да се запрашаат што не е во ред со нивната влада, кога литературното дело на еден човек признаен како најголем жив руски писател не е достапно во неговата родна земја“. Затоа, тие ја објавија книгата на руски и дистрибуираа повеќе од 1.000 примероци со помош на тајни агенти во Источна Европа.
„Сто години самотија“
Во својата борба против комунизмот, САД не ги избирале своите средства, па едно од нив е уште еден нобеловец, Габриел Гарсија Маркез. Три децении му бил забранет влез во САД бидејќи кратко бил дел од Комунистичката партија на Колумбија. Сепак, колумбиското списание „Мундо нуево“ (кое било финансирано од ЦИА) објавило две поглавја од неговото ремек-дело „Сто години самотија“, една година пред книгата да биде објавена во 1967 година.
Овие пасуси биле внимателно избрани. Она што го објавило списанието биле описи на Колумбија во стил подоцна наречен магичен реализам, кој комбинира фантастични елементи со реалниот свет.
Списанието, кое главно објавувало проамерикански и антикомунистички написи, покажало дека е отворено и за написи напишани од членови на политичката левица. Агентите на ЦИА го нарекоа овој пристап „фиделизам без Фидел“, поточно комунистичко кредо на Фидел Кастро, „прочистено“ од неговиот антиамерикански револуционизам.
Кога Гарсија Маркез дознал дека „Мундо нуево“ го финансира ЦИА преку Советот за културна слобода, тој во писмо до неговиот уредник Родригез Монегал напишал дека се чувствува „измамен“ и „извалкан“.
Извор:
Bonitet
Насловна фотографија: Unsplash