Верувале или не, но истражувањата покажуваат дека грижата кон пациентите од страна на докторите зависи дури и од политичката определба на докторот. Во САД токму пред претседателските избори, спроведената студија тврди дека има разлика во односот кон пациентот во зависност од тоа дали лекарот е демократ или републиканец.
Здравствената грижа исто така е предмет на многу караници и несогласувања помеѓу партиите, како што се на пример прашањата за законот за абортус. Се поставува прашањето, дали лекарите можат да ги остават настрана политичките гледишта и да се сконцентрираат само на правилниот третман кон пациентот?
Универзитетот Јејл и неговите истражувачи презеле чекор во врска со оваа тематика. Пронашле 10 илјади доктори од примарното здравство кои се политички определени. Анкетирале повеќе од 200 лекари за тоа како тие реагираат на различни ситуации – здравствени проблеми кои можат да искрснат кога нов пациент ќе ја истакне својата медицинска историја за време на рутински преглед.
Депресија, одрекување на алкохолизам и слично – за овие теми политичката определеност не била важна, бидејќи лекари кои биле политички определени и за двете партии реагирале речиси исто во врска со овие проблеми.
Пронајдена е разлика кога станало збор за малку повеќе политизирани прашања, како абортусот, користењето на марихуана и оружје. Соочени со жена која во моментот не е бремена, но имала два абортуса порано во текот на животот, докторите републиканци не ја охрабрувале на идни такви потези а и обрнувале внимание на ментално здравствените аспекти при абортусот, за разлика од лекарите демократи.
Соочени пак со човек кој користел марихуана рекреативно три пати во неделата, докторите републиканци зборувале за ризиците од марихуаната дури за 64 проценти повеќе отколку лекарите демократи. Исто така, 47 проценти повеќе од докторите републиканци го советувале пациентот да се откаже од конзумирањето марихуана, за разлика од докторите демократи.
Заклучокот од истражувањето е дека политичката определба на лекарите има големо влијание врз целокупното општество, со оглед на тоа дека голем дел од нивните донесени одлуки, третман и совети кон пациентот, зависат од здравствените политики кои ги пропагира одредена партија.
Она што експертите го советуваат е да се запазат стандардите и политичките определби и размислувања да се остават “зад вратата“, а тоа да важи и за пациентите и за лекарите, со цел поголема ефективност и правилно функционирање на здравствениот систем.