X
 04.03.2023 Живот

Бил неписмен до 18 години, а денес е најмладиот афроамерикански професор на „Кембриџ“

Асон Ардеј, познат социолог на теми за раса, нееднаквост и образование, стана најмладиот афроамерикански професор на Универзитетот „Кембриџ“, на 37-годишна возраст.

Роден и пораснат во Клапам, Јужен Лондон, на Ардеј му било дијагностицирано доцнење во развојот и нарушување од спектарот на аутизмот на 3-годишна возраст.

- Се сеќавам дека мислев дека ако не успеам како фудбалер, тогаш би сакал да го спасам светот - изјави тој.

Некои од моментите што го инспирирале да преземе акција биле гледањето на ослободувањето на Нелсон Мандела од затвор на телевизија, како и историската победа на Јужна Африка на Светскиот куп во рагби во 1995 година. Згора на тоа, неговата мајка го запознала со различни жанрови музика. Се надевал дека тоа ќе му помогне во концептуализирањето на јазикот, но тоа исто така ја зголемило неговата самодоверба и вештини и ја поттикнало неговата љубов кон популарната култура.

Откако научил да чита и да пишува со помош на неговиот ментор и учител Сандро Сандри, Ардеј дипломирал наука по физичко образование и образовни студии на Универзитетот во Сари, пред да се обучи како професор по физичко образование. На 22-годишна возраст одлучил да продолжи со постдипломски студии. Работел како наставник по физичко и пишувал академски трудови, а навечер учел социологија. Во одреден момент додека студирал, морал да работи во супермаркет за да си ја плати школарината.

aradej
Фото: Instagram

- Кога почнав да пишувам академски трудови, немав поим што правам. Немав ментор и никој никогаш не ми покажа како да пишувам. Сè што поднесов беше одбиено. Процесот на рецензија од колеги беше многу суров, беше речиси смешен, но јас го третирав како искуство за учење и почнав да уживам во тоа - вели тој.

Успеал да го објави својот прв труд во 2018 година. Три години подоцна станал професор по социологија на Факултетот за образование при Универзитетот во Глазгов.

Додека го спремал докторатот, на ѕидот од неговата спална соба ги напишал целите што сакал да ги реализира.

- Една од нив беше еден ден да работам на Универзитетот „Оксфорд“ или „Кембриџ“ - вели тој.

Сега, тој сон се оствари. На 6 март тој ќе почне да работи на Факултетот за образование.

- Мојата работа првенствено се фокусира на тоа како можеме да ги отвориме вратите за повеќе луѓе од обесправени средини и вистински да го демократизираме високото образование.

Сеќавајќи се на охрабрувачкиот разговор со неговиот ментор, тој додава:

- Сандро ми рече: „Мислам дека можеш да го направиш ова. Мислам дека можеме да се соочиме со светот и да победиме.“ Гледајќи наназад, тогаш првпат навистина верував во себе. Од тој момент бев одлучен и фокусиран - знаев дека тоа ќе биде мојата цел - вели Ардеј.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот