Не дека вакви производи нема во светот, но предизвик е тоа да биде направено во домашната кујна, а и цената би била драстично пониска. Патот за остварување на сонот не е сосема лесен, но во некоја рака е интересно патешествие проткаено со упорност, трпеливост и позитивно гледање на работите. На крајот, кога желбите и соништа се остваруваат, задоволството е огромно, вели професорот
Откако пред три години на пазарот беше пласиран производот „витрум гард“, кој ја намалува појавата на бигор на стаклените површини, а кој се базира на изум на проф. д-р Владимир Ивановски од Институтот за хемија, минатата година тој ги разви и производите „витрум гард анти-фог“ против замаглување на стаклата и „витрум гард ауто“ за стакла од автомобили. За целиот пат, односно создавањето на иновациите, патентирањето и пласманот на нашиот пазар, поразговаравме со проф. Ивановски.
Инаку, Ивановски е редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Додипломските, магистерските и докторските студии ги завршил на Институтот за хемија, а постдокторските на Универзитетот „Фридрих-Шилер“ во Јена, Германија, како добитник на стипендијата „Александар фон Хумболт“. Негово поле на научен интерес е примената на инфрацрвената и раманската спектроскопија за испитување кристални супстанции, но во последните десетина години се занимава со хемиска модификација (изменување) на површината на различни материјали, пред сè, на стаклото и понатамошна анализа на добиените филмови со спектроскопски техники и методи.
- Сè започна како идеја и голема желба, а заврши со производи во реномирани маркети и трговски синџири. Го искористив периодот во пандемијата за да го развијам последниот производ, за одржување на стаклото. Пред пандемијата успеав да развијам еден нов производ „витрум гард анти-фог“, додека времето на пандемијата го користев да го развијам последниот производ „витрум гард ауто“. Идејата беше постојниот производ „витрум гард“ да биде лесно применлив кај автомобили, така што би можел да се користи и летно и зимно време - вели Ивановски.
Науката ја преточив во применлив производ
Мојата идеја пред некои шест години беше да се искористат научните резултати во создавање реални, практични и иновативни производи кои ќе имаат примена во секојдневниот живот, вели проф. Ивановски.
- На таков начин сакав да ги имплементирам моите научни резултати во реалниот живот и да покажам, но и да си докажам дека во Македонија научниот потенцијал може да се искористи во иновации кои на крајот ќе имаат своја завршница во конкретни, домашни производи. Првиот прототип на иновацијата со назив „Tечност за модификација на стаклени површини“ имаше промоција на саемот „Технома“ со поддршка од Природно-математичкиот факултет, каде што имаше позитивни реакции од посетителите. Претходно го заштитив и поднесов пријава за национален патент до Државниот завод за индустриска сопственост (www.ippo.gov.mk), кој е одобрен како патент во 2018 година. Надежите дека некоја компанија од Македонија ќе се заинтересира за производство не се остварија, па за идејата да не остане на половина пат, а и желбата неостварена, решив да пробам преку формирање стартап-компанија да создадам и да пласирам производ на пазарот во Македонија. Ја формирав на почетокот од 2018 година, како стартап-компанија под името „Хемопо“, со претходно потпишување договор за соработка со Природно-математичкиот факултет. Би сакал да ја искажам благодарноста до тогашното раководство на ПМФ за тоа што ѝ излезе во пресрет на ваквата идеја и за преземањето на ваквиот чекор, кој не беше вообичаен во академската сфера - раскажува професорот.
Оттогаш на факултетот се отвориле уште две стартап-компании, од колеги од Институтот за биологија и од Институтот за физика.
Три години напорна работа во лабораторија
Патот за преточување на идејата во иновација, односно создавање прототип, кој траеше три години во лабораториите на Институтот за хемија беше (како што понатаму, со развојот на настаните, за жал, дознав) само половина од патот до конечен производ и негов пласман, продолжува професорот.
- Другата половина се состоеше во организација на производството, што значеше обмислување на технолошкиот процес на производство, набавка на репроматеријали и наоѓање добавувачи, размислување за изгледот на амбалажата и соодветна набавка, како и уредување на налепниците и нивно печатење. Исто така, требаше да се запазат сите дополнителни законски барања што треба да ги исполнува едно производствено трговско друштво. Верувајте дека голем дел од ова немаше да биде можно (ако и воопшто успееше) без помошта од пријателите со совети и одговори на моите безбројни прашања, како и безрезервната поддршка од моето семејство. Во 2018 г. прототипот го претворив во производ кој го заштитив под трговското име Vitrum Guard во Државниот завод за индустриска сопственост и извршив негова регистрација во Министерството за здравство за ставање во промет. Кон крајот на 2018 г. производот се најде на полиците на „Меркур“. За овој потег сум му искрено благодарен на раководството на фирмата за препознавање на иновативноста на производот и за можноста тој да се пласира кај нив. Мојата маркетинг-стратегијата започна со печатење летоци и нивна дистрибуција во сандачиња за писма, но продолжив со платено рекламирање на „Фејсбук“ и реклами во списанија - раскажува тој.
Што е „витрум гард“?
„Витрум гард“ (Vitrum Guard) е течност која се напрскува на стаклена површина, се размачкува на неа, се остава да се исуши и потоа се брише со мокра и со сува крпа. Ефектот е стаклена површина по која водата се лизга (т.е. восок-ефект). Поради ова, средството е особено корисно за туш-кабините. Доколку правилно се применува, го намалува создавањето бигор, а кога тој ќе се создаде, се отстранува само со мокра крпа без употреба на хемикалии.
- Може да се користи и при третирање на ветробранското стакло кај автомобилите, така што при невреме и поголеми брзини, водата се лизга по површината и во многу случаи нема потреба од употреба на бришачите, а и видното поле не е заматено. Корисно е и кај прозорски стакла за полесно одржување, односно чистење. Активните компоненти се деривати на силанот, а слични силициумови соединенија се дел од многу други препарати од ваков тип. Предноста на ова средство е тоа што тенкиот нанофилм кој се формира на стаклото не доведува до заматување на стаклото или какви било други несакани ефекти, а восок-ефектот, во зависност од употребата, трае од две до три недели - вели професорот.
Средство што нема да дозволи да се замаглува стаклото
„Витрум гард“ не овозможува стаклото да се замаглува. Затоа, проф. Ивановски започнал со работа во рамките на „Хемопо“ да иновира токму таков домашен продукт. Како резултат на двегодишната работа, на почетокот од 2020 г. се појавува вториот производ Vitrum Guard Ani-Fog, кој го има ова својство и кој исто така едноставно се нанесува, со напрскување и размачкување по стаклото, а наоѓа примена кај огледалата во бања, внатрешната страна на автомобилските стакла (за да не дојде до нивно замаглување), како и на прозорци или стаклени површини кои се во контакт со водена пареа. Може да се користи и за очила, но само доколку се стаклени.
- Да напоменам дека и овој производ ги помина сите етапи како и претходниот, со негово патентирање и регистрација. Интеракцијата со корисниците на производите честопати доведува до нови идеи. Така, најновиот производ, кој на пазарот излезе кон средината на 2020 г., е Vitrum Guard Auto, помалиот брат на Vitrum Guard, кој претставува концентрат кој заедно со стандардно средство за чистење на стакло или дејонизирана вода (летно време) се додава во резервоарот на автомобилот за течност за чистење стакло, а бришачите понатаму ја вршат работата на чистење и создавање восок-ефект на површината од стаклото - вели проф. Ивановски.
Каде може да се најдат овие производи?
Од пред некоја недела производите можат да се најдат и на полиците од DM (Drogerie Markt) низ Македонија.
- Повторно сакам да укажам на фактот дека во Македонија постојат маркети и трговски синџири кои можат да го препознаат квалитетот на домашните иновативни производи и кои даваат шанса тие да се пласираат на пазарот, како што е тоа случајот со DM. Се разбира, корисниците се тие што го имаат последниот збор. Авантурите не застануваат тука и во моментот на ниво на прототип развиени се и се развиваат средства за специјализирана употреба, кои поседуваат висока или суперхидрофобност, а кои би биле применливи врз стакла од фотоволтаици кои би овозможиле самостојно чиcтење на стаклото под дејство на дожд. Не дека вакви производи нема во светот, но предизвик е тоа да биде направено во домашната кујна, а и цената би била драстично пониска. Како конечен личен впечаток, би кажал дека патот за остварување на сонот не е сосема лесен, но во некоја рака е интересно патешествие проткаено со упорност, трпеливост и позитивно гледање на работите. На крајот, кога желбите и соништа се остваруваат, задоволството е огромно - завршува професорот.
Фото: приватна архива