„Кога другите маваат со стап, вие галите и разгалувате“ – за Факултети.мк вели писателот Венко Андоновски.
Факултети.мк денеска слави осум години, а за Деца.мк дуваме една свеќичка. Тимот на двата портала што ги издава „Еф-Три“ и креативците што ги создаваат содржините на „Светот на Биби“ се горди на најголемиот успех, а тоа е вашата доверба. Во денешно време на борба со бројки, кликови, лајкови, нашата мисија е да не изгубиме ни еден од нашите читатели и да станеме побогати со нови пријатели. Затоа што довербата е нешто што тешко се стекнува, а лесно се губи.
Факултети.мк веќе осум години се бори за подобро образование, укажувајќи на проблеми, а и истакнувајќи ги сите добри наставници, професори, ученици што сакаме да ни бидат пример. Тоа што ни пишувате и ни давате предлози значи дека нашата адреса ви е омилена.
Деца.мк расте заедно со дечињата и родителите, а ќе продолжи со уште повеќе оригинални и квалитетни содржини, со уште повеќе стручни соработници, со нови теми, истражувања, совети... Ќе се потрудиме да останеме различни и професионални, но и корисни. Она што особено нè радува и нè прави горди е комуникацијата со читателите. И понатаму ги очекуваме вашите секојдневни коментари и сугестии кои нѐ поттикнуваат да бидеме подобри.