X
 29.05.2024 Живот

Златко Стојковски е победник на конкурсот за авторска сказна на „Светот на Биби“, а наградени се уште две сказни

„Биби, Боби и градот на тагата“ од Златко Стојковски е сказната што победи на конкурсот за авторска сказна на „Светот на Биби“ во конкуренција од над сто сказни. Наградени ќе бидат и „Приказна за осамениот принц“ од Фанија Макешовска и „Гратчето шеќерец“ од Анета Рамова за особен придонес.

- Особено ми е драго што мојата сказна е избрана да биде дел од еден неверојатен свет кој го создадовте и во кој секојдневно можат да избегаат нашите деца, но и ние, возрасните. Огромна благодарност за сѐ што правите за популаризација на читачката култура кај децата и за разгорувањето на фантазијата во малите глави. Децата отсекогаш ми биле инспирација. Фантастичните светови кои тие можат да ги создадат се со големини кои не можат да се мерат со ништо мерливо. Ние, возрасните, можеме само да им се доближиме со некои вакви обиди со кои го ослободуваме детето во нас. Сказната пренесува неколку пораки - дека треба да се помогне кога некој е во неволја, но и дека треба да ги почитуваме различностите, да не осудуваме и дискриминираме. Иако сите деца не изгледаат исто, треба да подадеме рака и да подариме љубов и на оние што можеби се чувствуваат поинакви. И да им покажеме дека и покрај сѐ, сите сме исти - вели Златко Стојковски.

Фанија Макешовска вели дека инспирацијата за „Приказна за осамениот принц“ произлегува од детското пријателство.

- Живееме во свет во кој владеат себичност и самоволие, но само кај малите деца можеме да препознаеме вистинска љубов. Мотивирана од детската искреност и игра на мали години, ја напишав оваа приказна со цел да го прикажам детското пријателство како основа за емпатија и разбирање помеѓу децата. Идејата беше да се покаже како преку детската игра и пријателство се развива поддршка, помош и прифаќање на оние што се различни од нас. На тој начин децата ќе растат и ќе се развиваат во свесни личности кои ќе ги почитуваат разликите и ќе градат заедница основана врз почит и разбирање - споделува Фанија.

Децата се најдобрата и најчиста публика, која најубаво го доживува пишаниот збор со бујната фантазија, вели Анета Рамова авторка на сказната „Гратчето шеќерец“.

- Сказната е пишано дело и творба во која и ние, возрасните, знаеме да се внесеме и за момент да се најдеме во тој волшебен свет, свет на наивноста, убавината и фантазијата каде што сѐ е толку розово и волшебно, а читајќи и впивајќи го секој збор, и визуелно сето тоа го доживуваме. Љубовта кон книгите се создава од мали нозе кај секој од нас и со секое прочитано дело се продлабочува и расте и стануваме побогати во вистинска смисла на зборот. Мислам дека овој начин што го практикувате вие со овој вашиот врвен бренд придонесува преку пишаниот збор, односно преку сказните и анимациите да се осознае што е правилно, како треба да се однесува и постапува и едноставно да се биде добар човек и да им се пренесе тоа на децата. Јас сум почестена што ми е дадена можност да дадам мал придонес со пораката која ја има мојата сказна - дека сепак на крајот доброто победува и дека треба да се трудиме секојдневно да бидеме добри луѓе и да создаваме добри дела, бидејќи само така светот ќе го направиме подобро место за живеење за сите нас - изјави Анета.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот