„Фејсбук“ почна да ја бара лозинката за е-пошта од корисниците што првпат се пријавуваат на оваа социјална мрежа. Првата информација за необичното барање пристигна во форма на слики на „Твитер“. На сликата јасно се гледа дека социјалната мрежа од корисниците бара приватни податоци.
Причината? Ако корисниците им ја дадат својата лозинка од е-поштата, нема да мора да го проверуваат својот профил преку линк за поврзување во е-порака.
Странските медиуми тврдат дека барањето за е-пошта обично пристигнува во случај кога „Фејсбук“ мисли дека обидот за создавање профил е сомнителен. Од компанијата го потврдуваат формуларот за барање за е-пошта и лозинка, меѓутоа, велат дека лозинките никогаш не се зачувуваат. Исто така, нагласено е дека процентот на корисници што добиле вакво барање е многу мал.
Оние што добиле барање за е-пошта и лозинка се пријавиле по пат на десктоп-компјутер со помош на е-адреса што не поддржува „OAuth“ - отворен стандард што на надворешните апликации им овозможува посебно одобрен пристап без споделување информации за пријавата. „OAuth“ е стандард што го користат повеќето даватели на е-услуги.
„Фејсбук“ во официјален одговор наведе дека сите корисници на кои им излегол „контроверзниот“ формулар може да си направат профил преку различен метод, како телефонски број или е-адреса. За крај, „
Фејсбук“ потврди дека наскоро ќе престане да ги бара лозинките од е-пошта од своите корисници.