Белата куќа ѝ наложи на НАСА да воспостави унифициран стандард за време за Месечината и другите небесни тела бидејќи Соединетите Држави имаат цел да постават меѓународни норми во вселената, во услови на лунарна трка меѓу нациите и приватните компании.
Шефот на Канцеларијата за политиките за наука и технологија од Белата куќа (ОСТП), според меморандумот што го видела новинската агенција „Ројтерс“, ѝ наложил на вселенската агенција да работи со другите делови на американската влада за да смисли план до крајот на 2026 година, за да го постави таканаречено координирано лунарно време.
Различната гравитациона сила и потенцијално други фактори на Месечината и на другите небесни тела го менуваат начинот на кој се одвива времето во однос на тоа како се перципира на Земјата. Меѓу другото, координираното лунарно време би обезбедило репер за задржување на вселенски летала и сателити, кои бараат екстремна прецизност за нивните мисии.
-Истиот часовник што го имаме на Земјата би се движел со различна брзина на Месечината - рекол во едно интервју Кевин Когинс, шеф за вселенска комуникација и навигација на НАСА.
Во меморандумот на шефот на ОСТП, Арати Прабакар, се вели дека за лицето на Месечината, часовникот базиран на Земјата изгледа дека губи во просек 58,7 микросекунди на ден и е во комбинација со други периодични варијации, што дополнително ќе го оддалечи времето на Месечината од времето на Земјата.
- Помислете на атомските часовници во американската поморска опсерваторија (во Вашингтон). Тие се отчукување на срцето на нацијата, синхронизирајќи сè. Би сакале и очукувања на срцето на Месечината - рекол Когинс.
Од ОСТП истакнале дека без унифициран лунарен временски стандард, би било предизвик да се осигурат дека преносот на податоци помеѓу вселенските летала е безбеден и дека комуникациите помеѓу Земјата, лунарните сателити, базите и астронаутите се синхронизирани. Несогласувањата во времето, исто така, може да доведат до грешки во мапирањето и лоцирањето на позициите на Месечината или, пак, во орбитата околу Месечината.
- Замислете светот да не ги синхронизира часовниците во исто време - колку тоа би можело да биде вознемирувачко и колку секојдневните работи стануваат предизвикувачки - рекол претставникот на ОСТП.
На Земјата, повеќето часовници и временски зони се засноваат на координирано универзално време. Овој меѓународно признат стандард се потпира на огромна глобална мрежа на атомски часовници, поставени на различни локации низ светот. Тие ги мерат промените во состојбата на атомите и генерираат просек кој на крајот го сочинува прецизното време.
Според официјалниот претставник на ОСТП, можеби ќе биде потребно распоредување на атомски часовници на површината на Месечината. Исто така, додал дека како што комерцијалните активности се прошируваат на Месечината, унифициран временски стандард ќе биде од суштинско значење за координирање на операциите, обезбедување сигурност на трансакциите и управување со логистиката на лунарната трговија.
Извор: Reuters.com
Фото: Freepik