X
 04.06.2019 Образование

Писмо: Нанесена е неправда врз три деца при изборот на тимот на ЈБМО

Крајно нетранспарентен и дискриминирачки е начинот за избор на членови на тимот на Македонија за Јуниорската балканска математичка олимпијада 2019 (која треба да се одржи од 20 до 25 јуни во Кипар) и е нанесена неправда врз 3 деца кои брутално беа исфрлени од тимот. Јас сум родител на едно од децата и чувствувам морална обврска да се зборува за оваа тема.

Главни точки што го прават изборот за ЈБМО крајно дискутабилен се следните:

1. Начинот на кој ќе се организира општински, регионален, државен, ЈММО натпревар е објавен на 21.09.2018 и тогаш е наведено дека натпреварите ќе се вршат според Правилникот за организирање и изведување натпревари по математика во основно образование донесен во 2017 година. Напомена: Во тоа време веќе беше завршена ИГО олимпијадата која се одржа на 06.09.2018.

Во Правилникот за организирање и изведување натпревари по математика во основно образование никаде не стои дека за избор на тимот кој ќе ја претставува Македонија на ЈБМО ќе се земаат предвид резултати од ИГО (Иранска геометриска олимпијада) и од ЕМЦ (Европски математички куп). Овој правилник е донесен во 2017 година и значи според истиот правилник 2017 и 2018 тимовите за ЈБМО беа формирани од првите шест ученици што остварија најдобри резултати на ЈММО (Јуниорска математичка олимпијада), а оваа година, без никакво известување, ниту на веб-страницата на СММ, ниту известување до училиштата, менторите или учениците, пред почетокот на ЈММО на учениците им беше соопштено дека за избор на тимот на ЈБМО ќе се земе предвид и учеството на други олимпијади. За да не дојде до забуна, добро е да се знае дека ИГО и ЕМЦ беа организирани и во 2017 и во 2018, но не беа земени предвид при избор на тимот за ЈБМО.

2. Доколку се погледне финалната ранг-листа за избор на членови на тимот на ЈБМО 2019 за оваа година, веднаш се уочува дека шест ученици пред почетокот на ЈММО 2019 имаат недостижна предност пред останатите ученици, која е стекната со учество на ИГО и ЕМЦ. Оттука многу лесно може да се заклучи дека оваа година ЈММО, која е квалификациона олимпијада (учесниците на ЈММО се квалификуваат од општински, регионален и државен натпревар по математика) е тотално маргинализирана, односно практично беше невозможно само со учество на ЈММО да се пласира ученик на ЈБМО 2019. Од друга страна, ИГО и ЕМЦ не се квалификациони олимпијади, односно секој што сака може да се пријави и да учествува на нив. Уште повеќе, ЕМЦ кај нас не го организира Сојузот на математичари, туку приватно здружение „Армаганка“ и таа олимпијада во Хрватска се одржа на 08.12.2018 година, додека во Скопје се одржа на 15.12.2018 на исти задачи како и Хрватска. Оттука, повеќе од очигледно е дека кредибилитетот на резултатите од ЕМЦ е сериозно дискутабилен.



3. Поените освоени од страна на учениците на ИГО и на ЕМЦ наведени во финалната ранг-листа за избор на членови на ЈБМО 2019 не се исти со поените што се објавени на официјалните веб-страници на ИГО и ЕМЦ. Објаснувањето на Сојузот на математичари дека само најдобрите резултати ги праќале на ИГО не држи, бидејќи на официјалните резултати има учесници од други земји со 0, 1, 2, бода додека од Македонија учениците што наводно освоиле помалку од 15 поени ги нема.
Објаснувањето за ЕМЦ дека учесниците со помалку од 5 поени стојат на официјалната листа, но кај нивните имиња нема поени, било правило на организаторот од Хрватска, а тоа што Сојузот на математичари ги калкулира во финалната ранг-листа за учество на ЈБМО 2019 е повеќе од дискутабилно. Јасно е дека многу лесно може да се врши манипулација со освоените поени на ИГО и ЕМЦ или ако се земе како бројка, тоа се 15 поени од ИГО и 5 поени од ЕМЦ кои немаат верификација од официјалните веб-страници на овие олимпијади или според коефициентите што ги одредува Сојузот на математичари, тоа се вкупно 17 поени, што е навистина премногу.
Од горенаведеното може да се заклучи дека изборот на членови на тимот за ЈБМО 2019 е направен на крајно нетранспарентен и дискриминирачки начин и предизвика голема неправда врз тројца ученици.

Јохан Зиков,
родител

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование