X
 08.08.2019 Образование

Писмо: Одговор на небулозите и невистините изнесени од страна на г-дин Ѓорѓи Маркоски


Веќе подолг временски период од некои персони во јавноста се изнесуваат бројни невистини, кои се однесуваат на мојата работа како поранешен претседател на СММ, на што, по неговиот избор за претседател на СММ, се приклучи и г-нот Ѓорѓи Маркоски. Иако не е мој стил да се препишувам со никого, а посебно не со луѓе кои биле дел од тимот кој работеше во СММ додека истиот јас го раководев, сепак во интерес на вистината, морам да се осврнам на последното интервјуто на г-нот Ѓорѓи Маркоски, со кое истиот се обидува целосно да ја обезвредни не само мојата работа, туку и работата на луѓето со кои тој долги години соработуваше.
Пред било што да кажам, би му обрнал внимание на г-нот Маркоски дека треба посериозно да го сфати раководењето со СММ и давањето на изјави, бидејќи токму тој во текот на целиот период додека раководев со СММ беше претседател на Комисијата за натпревари за средното образование. Оттука е несватливо што истата таа комисија тој ја девалвира. Понатаму, г-нот Маркоски покрај претседател на оваа комисија беше и главен и одговорен уредник на математичкото списание СИГМА (до 31.01.2019 година) за кое тој тврди дека не е печатено веќе неколку години, што апсолутно не е точно, бидејќи сите броеви на СИГМА се печатени се до првиот број за учебната 2018/19 година. Затоа, не ми е јасно од каде храброста во јавноста да се изнесуваат полувистини и невистини и тоа токму од доскорешниот главен и одговорен уредник на ова списание, кој воедно сега е претседател на СММ. А сега ќе дадам неколку коментари на невистините и небулозите кои Маркоски ги изнесува во неговото интервју.

1. Списанието Нумерус, наменето за учениците од основното образование, излезе во точно определен временски рок во кој излегуваше и во претходните години. Имено, техничкото лице во СММ беше информирано на 10.09.2018 година дека првиот број е предаден во печат, а веќе на 15.9.2018 година и беше доставен за дистрибуција. Меѓутоа, од неразбирливи причини списанието не се дистрибуираше се до 15.12.2018 год., иако до овој временски период беше отпечатен и вториот од четирите броја за учебната 2018/19 година. За каква криза на ова списание некој зборува, па кога јас дојдов за претседател на СММ списанието се печатеше во тираж од 1500 броја, од кои само 900 се продаваа. Минатата учебна година тиражот на списанието е 3000 и се продадени 2400 броја, при што за сите четири броја се подмирени сите трошоци за печатење, уредување и дистрибуција. Секако, ова е далеку од тиражот од 10000 примероци, кој токму дел од екипата на која сега се потпира Маркоски го наследи во 2004 година.

2. Списанието СИГМА, наменето за учениците од средното образование, излезе барем во првото полугодие во точно определен временски рок (исто како и списанието Нумерус). Меѓутоа, со пласманот се случи истата приказна како и со Нумерусот. Точно е дека списанието Сигма е далеку од профитабилно, меѓутоа Маркоски треба барем да се сеќава дека тиражот на ова списание во 2004 година, кога дојдоа првите големи промени во СММ беше околу 2400 броја, за да потоа повторно благодарение на дел од екипата со која сега го раководи СММ истиот се сведе на околу 200 броја, а сега списанието се печати во 500 броја и колку да се знае издадени се сите предвидени броеви, освен последниот за учебната 2018/19 година. Зошто овој број не е издаден, на тоа прашање најдобро може да одговори токму г-нот Маркоски, кој во периодот на делумното пропаѓање на ова списание беше негов главен и одговорен уредник или можда заборавил на овој факт.

3. Третото списание кое се издава во рамките на дејствувањето на СММ е Матема¬тичкиот билтен, чиј секретар на редакцијата повторно со години е неизбежниот г-н Ѓорѓи Маркоски. Се надевам дека г-нот Маркоски се сеќава дека кон крајот на 2014 година беше издаден само бројот за 2012 година, и за хаосот во ова списание најодговорни се тој и неговиот ментор како секретар и главен и одговорен уредник на списанието. За да нема недоразбирање, менторот на г-нот Маркоски беше и главен и одговорен уредник на Нумерус и тоа во периодот кога ова списание доживеа дебакл. Согледувајќи ја состојбата во која Билтенот беше доведен до колапс, како претседател на СММ превзедов активности со кои направив некои промени и веќе од 2013 година Математичкиот билтен почна да излегува двапати годишно, беше прифатен во базата EBSCO и е поднесена апликација за базата SCOPUS. Можда ова за Маркоски и неговите поддржувачи и сеачи на лаги по социјалните медиуми е неважно, но само да потсетам дека токму како резултат на размената на списанието Математички билтен во библиотеката на Институтот за математика бесплатно доаѓаат над 130 математички часописи, чија набавна вредност е повеќе од десетина илјади долари годишно. Исто така и Математичкиот билтен нема финансиски оптеретувања, па затоа би бил презадоволен ваква да е состојбата и со Годишниот зборник на Институтот за математика, списание кое почнувајќи од 2001 година повторно го раководи менторот на г-нот Маркоски и од кое за жал во последниве 18 години се отпечатени само четири броја, со што е нанесена непроценлива штета на сите математичари во нашата држава, а со тоа и на СММ. Притоа е важно јавноста да знае дека во годините кога Маркоски го раководи ова Институтот не е издаден ниту еден број од ова списание, иако и во ова списание овој господин е член на редакцијата. Оттука не е јасно за каква доверба и општествена одговорност говорат лица кои само се китат со функции, а во суштина многу малку или ништо не работат, освен што даваат интервјуа по медиумите и држат говори на разноразни собири, најчесто партиски.

Фото: Pixabay

4. За финансиската состојба на СММ, Маркоски тврди дека не е запознаен со истата, па ќе коментирал кога детално ќе се запознаел. Каква лага, па дента кога ги доби печатите на СММ г-нот Маркоски беше запознаен за оваа ставка и тоа токму од мене. Но, за да немаме недоречености, ако наместо писанија по новини и сајтови Маркоски се зафати со работа, до крајот на септември по основ на претплата на Нумерус може да наплати околу 260000 денари, а има средства кои може да ги наплати и по основ на претплата на Сигма. Притоа, овие средства се неоптеретени, т.е. во СММ нема да пристигне неплатена фактура. Последното е од особена важност, бидејќи заедно со оние 41000 денари кои се наоѓаат на сметката на СММ, за продолжување на активностите на СММ, Маркоски ќе располага со над 300000 денари.
5. Дел од коментарите на Ѓорѓи Маркоски е организирањето на дополнителните математички олимпијади, кои изминативе неколку години беа дел од системот за избор на екипите за БМО, ЈБМО и ИМО. Притоа, Маркоски најавува дека единствен критериум за избор на екипите ќе биде пласманот на ММО и ЈММО. Каква глупост! Нашите ученици учествуваа на неколку престижни меѓународни олимпијади, кои беа дел од системот за определување на екипите за ЈБМО, БМО и ИМО. Овие натпревари се крајно сериозни и респектибилни и секое нивно негирање, а промовирање на локални критериуми поддржани од бизнис партнерите во приватните школи, кои сега се дел од раководството на СММ во најмала рака е чиста глупост и многу сомнително. Постојат две можни причини за ваквите небулози, а тоа е: незнаењето или опстојување на профитабилните школи за подготовка на учениците за натпревари, кои се организирани токму од дел на сегашните членови на Управниот или Надзорниот одбор. Се чини дека првото не е случај, бидејќи треба да си тотална незналица за да ги негираш Европскиот математички куп (ЕМК), Иранската геометриска олимпијада (ИГО), Медитеранската математичка олимпијада (МеМО) и Азиско-пацифичката математичка олимпијада (АПМО). Оттука останува дека единствена причина за ваквиот став на Маркоски е втората, при што ќе се најдеме во ситуација таканаречениот апсолутен победник на ММО да оди на БМО и ИМО, а оттаму да се врати со освоени цели 2 од можни 42 поени, нешто што ни се случуваше пред воведувањето на дополнителните математички олимпијади. Кога сме кај ова прашање, на крајот да споменам дека спорните за Маркоски олимпијади имаа и друга цел. Имено, во рамките на организирањето и спроведувањето на овие олимпијади до група ученици, која во просек броеше над 150 деца, беа испраќани тестови за подготовка за вакви натпревари, на кои потоа на секој ученик со новиот тест му беа испраќани решенијата на задачите од претходниот тест (вкупно беа испратени околу 1000 решени задачи).

6. Г-нот Маркоски го споменува и натпреварот Кенгур, како според него многу спорна точка. Не знам дали неговиот настап е од неинформираност или од некои други причини, па затоа го упатувам за ова прашање изворно да се информира кај еден од членовите на претходниот и сегашниот Управниот одбор. Имено, споменатиот господин во рамките на хајката која против мене и колегите од Комисиите за натпревари ја водеше на социјалните медиуми се обрати и до претседателот на Меѓународната асоцијација Кенгур без граници, од кој доби валидно објаснување за состојбите.

7. Една од клучните небулози се коментарите на г-нот Маркоски за моралната состојба во македонската математика. Кога сме кај ова прашање, сакам само да напоменам дека на општинските натпревари по математика во основното и средното образование учествуваат над 6300 ученици, што е респектибилна бројка. Ако кон ова се додадат членовите на комисиите за прегледување на задачи и тестаторите, кои заедно се над 1800 колеги, тогаш и дете од четврто одделение лесно доаѓа до бројката од над 8100 партиципанти во првиот степен на натпреварување. Секако, ова не е ниту само моја заслуга, ниту заслуга на Управниот одбор, туку би рекол дека пред се тоа е зас¬луга на Комисиите за натпревари, кои многу лесно Маркоски ги девалвира, иако до крајот на 2018 година беше член скоро на сите комисии за натпревари при СММ.

8. Во своето интервју г-нот Маркоски го споменува и Управниот одбор на СММ. Се надевам дека мисли на телата од периодот во кој јас бев претседател на СММ, па затоа ќе си дозволам и по ова прашање да дадам коментар и свое видување. Точно е дека во периодот додека раководев со СММ во Управниот одбор имаше разногласие по некои прашања, но повеќе од точно е дека сите одлуки се донесени согласно Статутот на СММ и со квалификувано мнозинство на членовите на Управниот одбор. Понатаму, и Управниот и Надзорниот одбор во периодот додека раководев со СММ беа составени од луѓе кои имаа барем еден заокружен степен математичко образование (факултет, магистратура или докторат по математика) и немаа конфликт на интереси, односно не беа сопственици на приватни школи за подготовка на ученици за натпревари. Меѓутоа, ова не е случај со сегашните Управен и Надзорен одбор на СММ, каде има луѓе кои немаат никакво математичко образование. Исто така, телата кои ги споменува г-нот Маркоски во периодот додека јас раководев со СММ организираа: ЈБМО2014, БМО2017, SEEMOUS2015 и 2017, два конгреси на математичарите на Македонија (во 2014 и 2016), па на колегите и граѓаните на нашата држава ќе им стане јасно за какви и колку големи активности станува збор, кои уште еднаш ќе напоменам дека се организирани без ниту еден денар финансиска поддршка од државата. Секако, организирањето на споменатите шест меѓународни собири е плод на работа, а не на празни говори.
Во интервјуто на г-нот Маркоски има и некои работи кои не се однесуваат лично на мене и на периодот во кој раководев со СММ, но се полни со омаловажување на групи и поединци. Дел од тоа омаловажување се и директорите во основните и средните училишта, кои безмалку се прогласени за некомпетентни. Немам намера никого да бранам, меѓутоа 1200 директори да се прогласат за некомпетентни е повеќе од несериозно, а би рекол тенденциозно и дегутантно. На крајот, и покрај се што овој господин кажа за само еден месец раководење на СММ му посакувам успех во работата.

Пишува: д-р Алекса Малчески, ред. проф. на Машински факултет-Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование