Државни пари за здруженијата нема. Планираме повеќе внимание да посветиме на ажурирање на членството. Ние сега немаме ни листа на членови, не знаеме колку сме. Како и секое здружение, планираме да воведеме членарина со која ќе може да функционираме во текот на годината
После речиси седум години Сојузот на математичарите на Македонија доби нов претседател - проф. д-р Ѓорѓи Маркоски од Природно математичкиот факултет во Скопје. Една од неговоите приоритетни задачи ќе биде враќањето на довербата на фелата во Сојузот, вели тој во интервјуото за Факултети.мк.
Маркоски вели дека задача на Сојузот нема да биде само организирање на математичките натпревари, туку промовирање и подигање на свеста за важноста на оваа наука во Македонија.
Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа нова улога во Вашата професионална кариера?
- Главниот мотив ми беше да пробам да ги средам малку состојбите. Две години професорите ме убедуваа да се нафатам, па на крај, еден месец пред изборот одлучив да ги послушам. Јас сум раководител на Институтот по математика на ПМФ, па ми велеа дека им треба човек со кој ќе може да се разберат.
Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски
Во каква финансиска и организациска состојба е оставен Сојузот од страна на претходното раководство?
- Финансиската состојба сѐ уште не ја знам бидејќи не ми е официјализирана позицијата во Централен регистар, па немам увид во сметката. За нас, најважно е сега да се формираат нови комисии за натпревари. Досега само пет луѓе работеа буквално сѐ и беа членови на истите комисии за основно, за средно. Овие луѓе подготвуваа задачи, организираа натпревари, носеа деца на олимпијади. Моја цел ќе биде да направиме повеќе тимови.
Исто така ќе се организираме подобро и во однос на нашата вклученост во тековните процеси на образованието. Претходното раководство беше фокусирано само на математичките натпревари, ние имаме идеја со различни проекти прво да ја вратиме математиката таму каде што заслужува да биде. Учениците повеќе да ја засакаат, повеќе професори да ја изучуваат...
Спомнавте дека не знаете сѐ уште во каква финансиска состојба е Сојузот. Но, под ваша организација веќе не е натпреварот „Кенгур“, настанот кој му носеше најмногу финансиски средства на СММ. Ќе се обидете ли да го вратите?
- Како што ме извести поранешниот претседател, на сметката има неколку стотина евра. Инаку да, најголем дел од парите се слеваа од „Кенгур“. Овој натпревар го доделува меѓународен одбор. Алекса Малчески беше претседател на Сојузот во тоа време, а одборот тогаш решил да го додели на личности, според правилата. Така било тогаш, а од пред неколку години лиценцата за организирање се доделува на фирма. Но, личноста кажува на која фирма ќе се додели. Малчески си го префрлил на своја фирма, па сега неговото ново здружение има право да го организира. Сојузот вака ќе изгуби голем дел од финансиите. Ќе пробаме да реагираме до меѓународниот одбор, но веројатно се мали шансите да го вратиме. Сепак, ќе реагираме, бидејќи Малчески ја злоупотребил ситуацијата.
Сојузот на математичарите го водеше професорот Алекса Малчески од 2012 година. Дел од математичарите го обвинуваа за нетранспарентно работење...
- Да, работеше нетранспарентно. Немаше доверба кон голем број луѓе, соработуваше со малкумина. Не даваше никакви информации, па дури ни на Управниот одбор. Ниту за финансиската состојба, ниту за натпреварите. Инаку, Управниот одбор има доста надлежности, ги бира претседателите на комисиите, потврдува кој ќе оди на натпревар и сл. Но, тој на некој начин го суспендирал Управниот одбор и делувал како поединец, не го информирал за ништо.
Зошто математичарите го дозволија тоа, на што се должи нивната незаинтересираност да преземат нешто?
- Има повеќе причини, комбинација од повеќе фактори. Некој бил незаинтерeсиран, немотивиран од состојбите во образованието итн. Имаше поединечни обиди и реакции, но Малчески ги игнорираше. Немаше организиран обид да се направи некоја промена. Натпреварите си течеа.
На кој начин ќе ги мотивирате наставниците и професорите повеќе да се вклучат во работата на Сојузот?
- Ќе пробаме да вклучиме што повеќе луѓе, локални здруженија. Во времето на Малчески и тие беа игнорирани. На пример, охридското и кичевското не учествуваа во натпреварите, па децата од Охрид одеа во Струга да се натпреваруваат. Ќе вклучиме повеќе луѓе во комисиите, ќе го ажурираме членството.
Наставниците реагираа и на тоа дека не добиваат никаков финансиски надомест за нивното учество во натпреварите, дека се организираат во за нив неработен ден (сабота) итн. Планирате ли и ова да го решавате?
- Тешко дека Сојузот ќе може да најде средства за ова. Но, мое мислење е дека не треба да се плаќа за ова бидејќи и никогаш не се плаќало. На крајот, тоа го правиме за децата, за учениците. Не знам што толку значат две саботи во годината.
Како ќе се финансира Соузот во иднина?
- Државни пари за здруженијата нема. Планираме повеќе внимание да посветиме на ажурирање на членството. Ние сега немаме ни листа на членови, не знаеме колку сме. Како и секое здружение, планираме да воведеме членарина со која ќе може да функционираме во текот на годината. Ова секако ќе се прави во консултација со фелата, но мора да најдеме начин како да функционираме самостојно. Другите здруженија на пример имаат и котизација за сите натпревари. Сојузот исто така издава и две списанија, па можеби ќе ни тргне и со продажбата. Она за средно образование можеби две години не е излезено, затоа ќе се посветиме и на тоа. Списанието за основно наводно се продавало по 2 илјади примероци, но никој нема платено.
Инаку, средства се потребни и за организирање на државните и општинските натпревари по математика. Повеќето од наставниците ми јавуваат дека ќе работат волонтерски. Никој не ме одби досега, иако не спомнав хонорар. Верувам дека ако се врати таа доверба на наставниците кон Сојузот, која претходно беше нарушена ќе најдеме начин како да фунkцкионираме.
За патувањата на меѓународни натпревари сите здруженија, односно учениците се снаоѓаат како умеат - од спонзорства до приватни компании, до државни институции. Како треба да се реши ова прашање?
- Фондот за иновации понекогаш плаќа за некои патувања. Не знаеме дали во измените во Законот за основно ќе останат одредбите МОН да ги плаќа картите за учество на меѓународни натпревари на учениците и еден ментор. Ако остане така, ќе биде добро. Тоа ќе реши одредени проблеми. Сега и децата сами плаќаа за патувањата. За натпреварите по математика, потребни се пари само за картите, бидејќи сместување плаќа домаќинот. Па, ќе дојде редот и ние да организираме некој меѓународен натпревар, а тоа без државна помош не може. Секако е потребно ова да се реши системски. Секое здружение има свои потреби, но еден ден мора да седнеме заедно со МОН и да го решиме ова прашање.
Годинава имаше реакции и за начинот на кој се избираа учениците кои одеа на меѓународните олимпијади. Ќе има ли промени во овој дел?
- Последните две–три години Малчески како услов да се стане дел од тимот за меѓународни натпревари воведе поени и од други математички натпревари за кои се плаќа котизација. Најдобрите шест кои одеа на Интернационалната математичка олимпијада не беа само победниците од државните натпревари. Порано услов беше да се биде најдобар на Македонската математичка олимпијада (првите шест). Друг услов и нема во Правилникот за организирање на натпревари, па може да се заклучи дека и тоа било негова лична одлука. Имавме случај ученикот да биде прв на Македонската математичка олимпијада, а без учество на другиве каде што се плаќа котизација не можеше да оди на светска олимпијада.
Како ќе се избира тимот во иднина?
- Нема што да менуваме, си постои во Правилникот како се бира тимот. Ќе одат најдобрите од Македонската математичка олимпијада. Во секој случај и ова прашање ќе го решаваме заеднички.
Имаме ли добри ученици математичари?
- Секогаш сме имале. Само што забележувам еден тренд во последните години. Немаме средина, или имаме многу добри ученици или имаме многу слаби. А добрите на прсти се бројат.
На што се должи тоа?
- За мене најпроблематично е губењето на мотивацијата кај наставниците што работат во основните и средните училишта. Лошите избори на директорите на училиштата е прв фактор. Не се добри менаџери, не ги ценат математичарите, не знаат како да водат и мотивираат колектив. Веројатно и тука е притисокот што го чувствуваат наставниците за ставање високи оценки од страна на директори, родители. Не може толку петки да имаме, не е можно. Има повеќе фактори кои ги демотивираат наставниците. Платата не е главен проблем. Директорите на училиштата не треба да ги бира општината, туку наставниците. Сега директорите се бираат политички, па тој мора да најде начин како да ја врати услугата, најчесто со високи оценки на учениците.
Пред неколку години изјавивте дека се плашите од последиците од Кембриџ наставните програми. Какви се тие денеска?
- Се гледаат веќе. Кога учениците ќе дојдат во прва година средно се со сите петки, а практично се неписмени математички. Како од тој ученик ќе испадне добар инженер, кога ќе го надокнади она што го пропуштил? Математиката не е наивна наука, не можеш основата да ја надокнадиш. Скоро да е невозможно. Учат сѐ низ игра, нема ништо сериозно, нема размислување. Програмата на хартија е едно, но постои една детализирана програма на 200 страници во која има премногу лесни задачи. Едноставно премногу лесен пристап има.
Од друга страна пак, родители велат дека на учениците од пониските одделенија им е многу тешко?
- Кај помалите одделенија има друг проблем. Малку е измешана програмата. Се трча до милион, а не се научени основните операции до сто. Порано се знаеше, имаше ред. Кембриџ има само славно име заради градот. Беа ветувани промени, но еве нема ништо во врска со тоа. И кога се правеа реформите никој не нѐ праша за консултација. Математиката не смее да се поедноставува, треба да се искомплицира малку, за да се стекне математичко размислување. Тоа ни е потребно. Кога гледаме нелогични Закони, тоа е резултат на нематематичко мислење на правниците.