X
 04.06.2024 Наука

Нов тест на крвта може да предвиди дали ракот на дојка ќе се врати

Нов тест на крвта може да го предвиди враќањето на ракот на дојката неколку години пред да се појави на снимките, покажува ново истражување.

Ултрачувствителниот тест бара знаци дека канцерогените клетки остануваат по третманот. Може да открие мали количини на клетки, кои можеби се премали за да се забележат со последователни скенирања.

- Ракот на дојката е многу полесен за лекување пред да се прошири на други делови од телото, па затоа е од витално значење да се откријат знаци на повторување на болеста што е можно порано, за да им се дадат на луѓето најдобри шанси за преживување - истакнал професорот Кристијан Хелин, главен извршен директор на институтот.

Тестови на крвта за откривање рак веќе постојат, но истражувачите велат дека овој може да открие поширок опсег на канцерогени клетки. Тоа е така затоа што овој тест го скенира целиот геном на ракот наместо да се фокусира само на деловите од клетките на ракот што директно се однесуваат на болестите.

- Почувствителен тест е многу важен за оваа група пациенти со ран рак на дојка, бидејќи тие имаат многу мала количина на ДНК од ракот во крвта - д-р Исак Гарсија-Мурилас од Институтот за истражување на ракот од Лондон.

78 жени со различни видови рак на дојка учествувале во студијата, а на 11 им се вратил канцерот по нивниот првичен третман. Новиот тест на крвта открил канцерогени клетки пред да се врати ракот кај сите 11 жени, при што потенцијалните рецидиви биле забележани во просек околу три месеци порано за разлика од сегашните тестови. Кај една пациентка тестот ги забележал клетките на рак 41 месец порано.

Примероци на крв од жените биле земани кога им бил дијагностициран канцерот, по вториот циклус на хемотерапија, по нивната операција и на секои три месеци во првата година. Потоа примероците се собирале на секои шест месеци, во следните пет години.

На речиси 56.000 луѓе им се дијагностицира рак на дојка годишно, според „Канцер рисрч“ од Велика Британија. Според д-р Гарсија-Мурилас, оваа студија ја поставува основата за подобро следење на пациентите по третманот и потенцијално продолжување на нивниот живот.

Извор: news.sky.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука