На почетокот од пандемијата сите експерти даваа предвидувања за ситуацијата. Ваквите изјави се важни бидејќи го обликуваат мислењето на јавноста и влијаат врз донесувањето на мерките од страна на властите. Сепак, многумина не ги слушаат експертите и наместо тоа, веруваат во алтернативни ставови.
Габриел Рекија и неговите колеги од „Кембриџ“ во април минатата година спровеле експеримент за да видат дали експертите навистина можат да ја предвидат ситуацијата. Рекија и колегите побарале предвидувања за повеќе аспекти од пандемијата од 140 експерти, меѓу кои и епидемиолози, статистичари, виролози и доктори, како и 2.086 луѓе што не се експерти од областа.
Меѓу другото, тие ги прашале за бројот на заразени лица во Велика Британија до крајот на 2020 г., бројот на смртни случаи во земјата и процентот на смртни случаи на секои 1.000 заразени лица во Велика Британија и во целиот свет.
Фото: Pixabay
Предвидувањата на експертите биле поточни отколку оние на преостанатите испитаници во секое од прашањата, пишува Рекија за „Конверзејшн“. Сепак, дури и експертите многу го потцениле бројот на заразени лица и смртни случаи. На пример, просечната процена за бројот на заразени Британци до крајот на 2020 г. била 250.000 од оние што не се експерти и 4 милиони од експертите. Бројот на заразени лица во таа земја бил околу 6,4 милиони до крајот на минатата година.
Истражувачите ги прашале испитаниците и за тоа колку се сигурни во нивното предвидување и откриле дека двете групи биле премногу уверени во своите предвидувања, иако експертите биле помалку убедени дека се во право отколку оние што не се експерти.
Фото: Pixabay
За експертите, овој експеримент покажува дека треба да се внимава повеќе кога се прават предвидувања, додека за широката јавност ова значи дека не треба да бидеме изненадени доколку ситуацијата е полоша од очекуваното, особено кога предвидувањата ги прават лица што не се експерти.
Автор: Габриел Рекија
Извор:
theconversation.com