X
 04.07.2024 Живот

Детектор за лоши луѓе: Ако се сомневате во нечии добри намери, запознајте го со вашето куче

Дали некогаш сте забележале како вашето куче реагира на одредени луѓе? Можеби сте се запрашале дали кучињата навистина можат да препознаат лоши луѓе. Науката и искуствата на сопствениците на кучиња покажуваат дека овие верни пријатели на човекот имаат неверојатен инстинкт за процена на човечкиот карактер, дури и кога некој лаже.

Како кучињата ја чувствуваат човечката енергија?

Кучињата се исклучително чувствителни на невербални знаци. Тие го користат своето извонредно сетило за мирис и способност да го читаат говорот на телото за да донесат заклучоци за луѓето.

На пример, кучињата можат да почувствуваат промени во мирисот кои се поврзани со хормонот на стрес кортизол. Доколку некој зрачи со негативна енергија или е под стрес, кучето може да го почувствува тоа и да реагира на начин што покажува недоверба или непријатност.

Психолошка процена


Исто така, кучињата се способни да го анализираат говорот на човечкото тело и изразите на лицето. Според истражувањата, кучињата можат да препознаат разлики во тонот на гласот и изразите на лицето, што им помага да разберат дали некој е пријателски настроен или потенцијално опасен.

На пример, лице кое се однесува агресивно или сомнително може да предизвика негативна реакција кај кучето.

Искуство и меморија

Кучињата учат од искуство и можат да се сетат на луѓето кои претходно им предизвикале страв или непријатност. Ако вашето куче во минатото имало лошо искуство со некого, голема е веројатноста дека во иднина ќе биде претпазливо или непријателски настроено кон него.

Оваа меморија може да биде исклучително долготрајна и влијае врз начинот на кој кучето реагира на таа личност секогаш кога ќе ја види.

Научно истражување

Истражување објавено во списанието „Неуросајнс енд биобихејвиорал ривјус“ покажа дека кучињата можат да препознаат каква е намерата на човекот врз основа на нивното однесување.

Експериментот вклучувал ситуации во кои луѓето се обидувале да ги измамат кучињата, а резултатите покажале дека кучињата можат да препознаат кога некој ги мами, па тие станале сомничави кон таквите луѓе.

Сигнали што ги покажува кучето

Кога кучето препознава некого како лоша личност, тоа може да покаже одредени сигнали. Ова вклучува лаење, 'ржење, криење зад сопственикот или дури и агресивно однесување.

Овие сигнали се начин на кучето да ја изрази својата непријатност и да се обиде да го предупреди својот сопственик на потенцијална закана.

Иако не можеме со сигурност да кажеме дека кучињата можат да ги читаат мислите или емоциите на луѓето, нивната способност да ги оценуваат луѓето врз основа на мирисот, јазикот на телото и претходните искуства е извонредна.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот