X
 07.11.2019 Живот

Вистинските причини за смртта на кучето Лајка

На 3 ноември 1957 г. Советскиот Сојуз од космодромот „Бајконур“ го лансирал вториот вештачки сателит на Земјата со првото живо суштество што ја напуштило планетава.

На бродот било кучето Лајка - кое стана првото животно што ја обиколи Земјата. Сепак, судбината на Лајка е трагична. Лајка умира од прегревање и стрес по само неколку часа од лансирањето. Од самиот почеток било јасно дека четириножното суштество ќе загине - било невозможно „Спутник 2“ да се врати на Земјата бидејќи тогаш немало разработена технологија за многукратно користење на вселенските летала. Сепак, според планот, Лајка требало да биде умртвена хумано преку храната, неколку дена подоцна.

Embed from Getty Images

Амбициите на СССР и фаталната грешка

По успешното испраќање во вселената на првиот вештачки сателит на Земјата, на 4 октомври 1957 година, раководството на Советскиот Сојуз решило да го утврди своето постигнување, кое немало само научно-техничко, туку и политичко значење за тогашната светска суперсила. Комунистичкиот лидер Никита Хрушчов настојувал тоа да се случи по повод 40-годишнината од Октомвриската револуција, на 7 ноември. На 12 октомври било донесено официјално решение за истрелување втор вештачки сателит со куче на бродот. Времето било многу кратко и според руски извори, кои подоцна откриваат, „Спутник 2“ бил направен набрзина и според груби скици. Поради тоа, конструкторите направиле грешка - недостигал систем за терморегулација во капсулата. Таа била причината што животот на Лајка завршил многу брзо и мачно.

Embed from Getty Images

Вселенскиот брод, висок околу 4 метри и со дијаметар при основата од 2 метри, а тежел 508,3 килограми, бил опремен со техника за мерење на сончевата радијација и вселенското зрачење. Откако влегол во орбитата, предниот дел успешно се ослободил, но „Блок А“ не се одделил според планираното, па му пречел на системот за топлина да работи нормално. На тој начин некои од топлинските изолатори се оштетиле. Како резултат на тоа, температурата во кабината достигнала 40°С. Сензорите покажале дека за време на истрелувањето вредностите на пулсот на Лајка биле трипати повисоки од вредностите во состојба на мирување. По достигнувањето бестежинска состојба, тие се намалиле, но тоа одзема трикратно повеќе време отколку во текот на тестирањата на Земјата - очевиден показател за стрес.

Со години објаснувањата од Москва биле многу противречни - на почетокот властите соопштиле дека Лајка била евтанизирана по една седмица од полетувањето. Подоцна било признаено дека таа се задушила, но се тврди дека тоа се случило дури откако се потрошиле батериите. Во октомври 2002 година вистината е едвај официјално откриена од д-р Димитри Малашенков - научник кој учествувал во подготовката на мисијата „Спутник 2“ - тој сведочел дека животните функции на Лајка престанале меѓу 5 и 7 часа по почетокот на летот.

Во негов извештај, претставен на Светскиот вселенски конгрес во Хјустон, Тексас, САД, Малашенков изјавува: - Практично беше невозможно за толку малку време да се создаде надежен систем за контрола на температурата.

На крајот, „Спутник 2“ бил уништен при неговото враќање во Земјината атмосфера, на 14 април 1958 година.

Зошто женско куче?

За летот на самиот почеток биле избирани нерасни кучиња затоа што тие се издржливи и непретенциозни. Лајка била од мешана раса самојед-териер, но била бездомно животно и прибрана од улиците на Москва.

- Избиравме женски кучиња бидејќи немаат потреба да ја подигнуваат ногата за физиолошките потреби, благодарение на што им е доволен помал животен простор отколку на машките кучиња. Освен тоа, избиравме бездомни кучиња, бидејќи тие се помалку каприциозни и се поснаодливи од расните - изјави во 2017 година Адилја Котовскаја - биолог од Институтот за медицинско-биолошки проблеми од Руската академија на науките, која ги тренирала Лајка и останатите вселенски кучиња во СССР.

Имало три кандидатки за летот на „Спутник 2“. Меѓу нив била избрана двегодишната Лајка, која тежела 6 килограми (тежината на женските примероци пред машките била исто така фактор при нејзиниот избор). Сепак, таа станала првиот „космонаут“ не само од физиолошки причини, туку и затоа што се одликувала со спокоен карактер, голема снаодливост и интересна надворешност, поради што станала миленичка на публиката во цел свет. Како резерва била избрана Албина, која во меѓувреме се здобила со поколение и била поштедена. Третото куче - Мушка, било искористено за испитувањата на мерната апаратура и системите за животна поддршка.

На сите им биле имплантирани сензори за мерење на крвниот притисок, дишењето и за електрокардиограм.

Котовскаја раскажува дека било наредено да се развие специјална програма за тренинг на животните во која тие ќе научат да не се плашат од тесни простори и да не се обидуваат да избегаат од капсулата, долга и широка десетици сантиметри. За таа цел научниците ги поставиле Лајка и другите кучиња во релативно мал кафез, чии размери постепено ги намалувале.

Освен тоа, биле тренирани во специјални центрифуги што го имитирале оптоварувањето за време на полетувањето на ракетата и во специјални простории во кои било имитирано нивото на бучава карактеристично за вселенски брод при полетување.

Кратко време пред полетувањето крзното на Лајка било намачкано со слаб алкохолен раствор, а таа била внимателно исчешлана на местата за прикачување на електроди. Кучето било врзано со појаси.

Тесната кабина му овозможила на животното да лежи или да стои и била преградена со мека покривка. Воздушниот систем осигурувал кислород, а вентилаторот бил програмиран да се вклучи кога температурата ќе надмине 15°С. Храната и водата била во желе-форма. Податоците покажувале дека Лајка била возбудена, но јадела. Сепак, тоа не е доволно за да живее. Научниот тим, кој за време на нејзината обука се приврзал со неа, многу тешко ја доживеал смртта на Лајка.

Олег Газенко, друг научник кој работел на мисијата „Спутник 2“, години подоцна признава дека колку повеќе време минува, толку повеќе жали за стореното.

- Не научивме многу од таа мисија за да се оправда смртта на кучето... - изјави тој во 1998 г.

Сепак, податоците добиени за време на краткиот прв и последен лет на Лајка помогнале да се отстранат недостатоците во конструкциите на вселенските летала. Потоа руските научници успеале да ги испратат во вселената и да ги вратат назад нејзините следбенички - Белка и Стрелка. Во август 1960 година бил извршен првиот успешен орбитален лет - на бордот на „Спутник 5“ се двете кучиња кои стануваат првите живи суштества што безбедно се вратиле на Земјата. А следната година во вселената полетал и првиот човек - Јуриј Гагарин. Се тврди дека космонаутот сакал да се шегува по тој повод со зборовите: - Сè уште не можам да разберам кој сум јас. Дали сум првиот човек или последното куче во вселената.

Посмртна слава

Embed from Getty Images

Летот на Лајка се претворил во сензација. Таа станала едно од најславните животни во светот на сите времиња. Во институтот за авијација и вселенска медицина во Русија во ноември 1997 година била претставена спомен-плочата на загинатите астронаути. Во едниот агол се гледа сликата на Лајка. Таа била отпечатана на неколку поштенски марки во различни земји, чоколади и цигари биле именувани по неа, а многу колекционери купувале сувенири.

На 9 март 2005 година дел од површината на Марс, во близина на кратерот Восток, неофицијално беше наречен Лајка.

Во 2008 година во Москва беше издигнат споменик на Лајка, изработен во реални размери. Статуа во спомен на животното беше изградена и во Холандија, во близина на Амстердам. Композиција со кучињата Лајка, Белка и Стрелка има и во музеј на грчкиот остров Крит.

Лајка станала и литературен херој, но во книгите почесто преживува. Во романот „Интервенција“ на Џулијан Меј, на пример, таа е спасена од вонземјани.

И музички групи се инспирирани од вселенското куче - „Лајка кучето“ „Лајка & космонаутите“, додека групата „Ејжан кунг-фу џенерејшн“ ја создаде песната „Лајка“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот