НАСА сака да прекине да се потпира на Русија за да може да испраќа американски астронаути во Меѓународната вселенска станица. Малку по малку, „Спејс Икс“ полека го овозможува тоа.
Во 2014 година, САД се согласија да ѝ платат на компанијата на Илон Маск 2,6 милијарди долари за вселенски брод кој би можел да ги носи астронаутите во орбитата. Ист договор беше склучен и со „Боинг“, а сумата наведена во тој договор беше 4,2 милијарди долари.
Оттогаш двата проекта постојано ги одложуваа датумите на лансирање, но тоа можеби конечно ќе заврши. Имено, од НАСА најавија дека вселенскиот брод на „Спејс Икс“ наречен „Crew Dragon“, дизајниран да транспортира астронаути, ќе биде подготвен за тест без екипаж во ноември 2018 и за тест со екипаж во април 2019 година. Истовремено, „CST-100 Starliner“ на „Боинг“ ќе биде подготвен за тест без екипаж до крајот на оваа и почетокот на следната година и за тест со екипаж до средината на следната година.
Фото: Pixabay
По тестирањата со екипаж, секој брод ќе мине низ процес на потврдување од страна на НАСА. Ако тоа помине добро, бродовите ќе ја постигнат нивната примарна цел: траспортирање на американски астронаути до Меѓународната вселенска станица.
Астронаутите на НАСА сега одат до станицата со рускиот вселенски брод „Сојуз“, но тој договор завршува во ноември идната година. Тоа значи дека може да се случи НАСА да не може да испраќа, а ниту да враќа астронаути од станицата во периодот меѓу ноември 2019 година и времето кога „Спејс Икс“ и „Боинг“ конечно ќе бидат подготвени, освен ако не се случи нешто да ги забрза овие
настани.