Д-р Џејн Гудал, приматолог, предупредува дека човештвото ќе исчезне доколку не успееме драстично да го смениме нашиот систем на исхрана како одговор на пандемијата на коронавирусот и климатската криза.
Според неа, појавувањето на Ковид-19 е резултат на преголемата експлоатација на природниот свет, како масовно сечење шуми, исчезнување на животински видови и уништување на природната околина. Се смета дека коронавирусот бил пренесен од животните на луѓето минатата година.
Фото: Wikipedia
На еден онлајн-настан
Гудал изјавила дека интензивното производство на храна создава многу животински болести кои може да бидат штетни за човековото општество.
- Сами си го донесовме ова поради нашето апсолутно непочитување на животните и околината. Нашето непочитување на дивите животни и нашето непочитување на животните кои се чуваат за храна ја создадоа оваа ситуација во која болеста може да се пренесе и да ги зарази луѓето - изјавила таа.
Луѓето мора итно да престанат со масовното одгледување животни за храна и да ги уништуваат природните околини поради заканата од болести и климатски крах. Чувањето животни за исхрана се поврзува со зголеменото постоење на видови кои се отпорни на антибиотици и може да претставува закана за човековото здравје.
- Доколку не ги смениме работите, тоа ќе биде крај за нас. Не може да продолжиме вака уште долго - изјавила Гудал.
Фото: Pixabay
Таа повикува на намалување на сиромаштијата бидејќи луѓето што немаат алтернативи и се очајни да ги прехранат семејствата ќе сечат дрвја за да преживеат и ќе ја одберат најевтината храна бидејќи немаат друг избор. Војната и насилството, исто така, придонесуваат за уништување на природата, како и консумеризмот и нашата исхрана, предупредува Гудал.
Според неа, богатите луѓе треба да влијаат врз лидерите и да внимаваат да не го влошуваат проблемот со купување штетни производи. Светот се наоѓа на преодна точка во неговата врска со природниот свет и имаме само мал простор да направиме драстични промени пред да се соочиме со катастрофа.
- Една од лекциите што треба да ги научиме од кризата е дека мора да се смениме. Научниците предупредуваат дека за да се одбегнат идни кризи, мора драстично да ја смениме нашата исхрана и да консумираме повеќе храна базирана на растенија. За доброто на животните, планетата и здравјето на нашите деца - вели Гудал.
Автор: Фиона Харви
Извор:
theguardian.com