Многу човечки активности забрзано ја трансформираат планетата, но глобалното население на инсекти паѓа со брзина без преседан од 2 отсто годишно. Поради сечењето на шумите, употребата на пестициди, вештачкото осветлување и климатските промени, овие ситни суштества се борат за преживување заедно со растенијата и други животни.
- Инсектите се храна која им е потребна на сите птици и риби. Тие се врска која ги спојува сите слатководни и копнени екосистеми на нашата планета - објаснува Дејвид Вагнер, ентомолог на Универзитетот во Конектикат.
Инсектите се насекаде на планетата. Тие сочинуваат две третини од над 1,5 милион забележани животински видови во светот. Се проценува дека постојат дополнителни милиони инсекти кои веројатно не се откриени.
Фото: Pixabay
Нивната важност за околината е огромна. Тие се клучни во синџирот на исхраната бидејќи со нив се хранат многу животински видови. Освен тоа, луѓето може да јадат околу 2.000 видови инсекти.
Од инсектите зависат и земјоделците бидејќи тие опрашуваат над 75 отсто од нивните посеви. Се проценува дека нивната „работа“ вреди 577 милијарди долари годишно. Експертите велат дека околу 80 отсто од дивите растенија во природата зависат од опрашувањето на инсектите.
Во последните 150 години светот изгубил од 5 до 10 отсто од сите видови инсекти, односно од 250.000 до 500.000 видови. Други анализи посочуваат дека нашата планета секоја деценија губи околу 9 отсто од популацијата на инсекти што живеат на копно. Доколку се процени дека се губат само 1 отсто од инсектите годишно, по само 40 години од планетата ќе исчезнат над една третина од видовите и една третина од единките, вели Вагнер.
Фото: Pixabay
Изумирањето на инсектите не е предизвикано од само еден фактор. Тие се соочуваат со повеќе закани, од губење на местото на живеење до индустрискиот начин на одгледување и климатските промени.
Иако ситуацијата за инсектите е лоша, некои видови успеваат да се приспособат, а тоа најчесто се штетниците бидејќи тие брзо се размножуваат и им одговараат условите во кои „владеат“ луѓето, како и отпадот од луѓето. Експертите велат дека климатските промени се вистински поттик за размножување на некои штетни видови инсекти поради повисоките температури.
Извор:
National geographic
Насловна фотографија: Pixabay