X
 04.10.2024 Наша тема

„Всадував љубов, а не страв кај децата“, вели Љупка Чагорска, истакнат просветен работник и хуманист - една година од свои пари купувала оброк за ученичка

„Ако детето прво ги пуштеше рачињата, јас никогаш немаше да му ги турнам, секогаш ќе го гушнев. На час по физичко едно ќе дојдеше да му ги врзам патиките, па сите ги одврзуваа, ги одлепуваа за јас да им ги врзам. Ги сакам многу децата и својата професија“, вели таа.

- Забележав дека едно девојче од другиот клас не јаде на одморите. Прашав моја ученичка зошто е тоа така. Ми одговори дека нема пари за кифла. Оттогаш секој работен ден ѝ купував печиво и сокче. И не само за неа, туку понекогаш и за братчињата и сестричињата. Ѝ ги праќав преку друга ученичка за да не се навреди. И вработената во пекарницата кога дозна дека е за сиромашна ученичка, почна да става храна за семејството на девојчето. Тоа никогаш не дозна кој ѝ помагаше. Целта ми беше да биде сита и да не се чувствува отфрлена, додека другите деца јадат, таа гледа“.



41 година во образование, би се вратила и денес

Потресно и доблесно звучи вистинската случка раскажана од долгогодишната учителка Љупка Чагорска (71) од Битола, наградуван и докажан просветен работник, која во образование минала 41 година, образовала над 10 генерации во одделенска настава и била ментор на многу учители кои денес учат и воспитуваат стотици ученици низ државата.

Во пензија е од пред четири години. Се пензионира на 67 години, откако го продолжи работниот век уште три години, вљубена во професијата исто како и првиот работен ден. Вели: „И сега да ме повикаат, ќе одам да чувам 1.000 деца, а за возрасни да ме повикаат, ни еден нема да чувам“. Додека разговаравме, крај нас поминаа неколку пара сопружници чии деца ги учела на времето, па дојдоа да се поздрават со неа.



- За мене тоа е најголема сатисфакција. На улица ме застануваат не само родители и ученици кои сум ги учела, туку и оние на кои не сум им предавала. Пред извесно време едно вработено лице во аптека ми рече: „Учителке, не ме имате учено мене, но јас ве знам, ја имавте заменувано нашата учителка“. Значи, сум всадила љубов, а не страв кај децата - вели Чагорска.

Ме вработи образот на мајка ми, а не политичка партија

Доаѓа од учителска фамилија. По ослободувањето мајка ѝ била учителка на повеќе места, меѓу кои и во училиштето во Могила, каде што Љупка се родила. Во тоа време учителите живееле на горниот кат од школите, а долу биле училниците. По шест месеци дошле во Битола и мајка ѝ продолжила да учи деца во градот.

- Имав и вујко кој беше прв учител на македонски јазик во Пустец, Албанија. Баба ми раскажуваше дека во снег го ставала за да го исчисти од тавтабити кога се враќал од школо. Такви беа условите тогаш. Имам и други роднини учители и професори, претежно во семејството се занимаваме со педагошка дејност. И вујна ми беше учителка, со велосипеди одеа по селата, едната братучеда ќе ја пикнеа во едниот зембиљ, а другата во другиот, оти останувале таму по еден месец - вели таа.



Мајка ѝ починала млада, па ја примиле Љупка на нејзино место. Вели дека се вработила со образот на мајка ѝ, а не со политичка партија.

Не барав да ме викаат наставничке, доволно беше учителке

Работниот век го помина во Основното училиште „Коле Канински“ во Битола. Во два наврати ѝ било нудено директорско место во образовани институции, но одбила зашто многу си ја сакала учителската работа. Додека некои колешки сакале децата да им се обраќаат со наставничке, таа останала на ставот дека е учителка. Никогаш не им робувала на предрасудите. Во Учителката школа ја учеле на магијата на училницата - „Затвори си ја вратата и господар си на училницата“.

- Кога ќе дојдеа дечињата на училиште, сакав прво да го засакаат училиштето, училницата и мене, а потоа да учиме. Ако не го сака училиштето, детето е изгубено. Важно е да се сакаат децата и да си ја сакаш професијата. Се случуваше едно дете да оди кај друго на час, да види што тоа пишува. Никогаш не ги карав, ќе му дозволев да види дали има другарчето напишано, ќе му речев: „Ајде сега и ти да напишеш“. Всадував љубов кај децата, да сакаат да учат. Некое ќе дојдеше да ми седне во скутот. Ако детето прво ги пушти рачињата, јас никогаш немаше да му ги турнам, секогаш ќе го гушнев. На час по физичко едно ќе дојдеше да му ги врзам патиките, па потоа сите ги одврзуваа, ги одлепуваа, за јас да им ги врзам - се присетува Чагорска.



Нејзината кариера ја обележаа многубројни образовни практики кои вродија со плод во образовниот процес. Дечињата од градинка што доаѓале со веќе стекнати одредени образовни навики ги седнувала до ученици кои не посетувале претшколски установи. Така и тие ги прифаќале нивните навики и нивото однесување. Но, се случувало и деца од градинка да се научат на подобро однесување од оние што биле дотогаш одгледувани дома.

Не се криев зад катедрата

- Никогаш не се однесував надмено за да им предизвикам страв на децата, да седам само на катедра. Не, јас секогаш бев меѓу дечињата. И за последната генерација што ја учев само две години, им реков на родителите дека ќе ги водам само две години, па заминувам во пензија, кој сака нека си го премести детето кај друга учителка. Рекоа: „Знаеме, но ние сакаме кај тебе да учи“ - додава Чагорска.

Не правела разлика од која националност е ученикот, дали е сиромашен или богат. Исто така, не ѝ менувало ништо дали родителот е директор или служител. Сакала да им покаже на учениците дека секој родител, без разлика што работи, дома е заслужен мајка или татко.



- Требаше да одиме на екскурзија и на колешката ѝ реков дека јас ќе месам зелник, а таа да донесе нешто друго. Слушна една ученичка и ѝ рекла на баба си: „Како може учителката да меси, ти ќе месиш зелник“. И така таа другиот ден донесе зелник. Потоа кога учевме за занимања, им кажав на учениците дека јас сум тука учителка, но дома сум како и бабите и мајките – домаќинка - перам, чистам, месам. Сакав да ги отфрлат предрасудите дека мојата мајка е директор, а мојата само домаќинка, секоја мајка е мајка – раскажува Чагорска.

Факултетот го дозавршив на 51 година, а претходно бев ментор и на првите учители со факултетско образование

- Важно ми беше да се постигне успех кај децата. Да излезат од училница со научено. Многу е важна креативноста на наставникот. Јас секогаш имав при рака креди во боја и секогаш сама си ги купував. Еднаш една родителка ми рече: „Наутро доаѓате со фризура, со кармин, а по часовите сте со спласната коса, без кармин и со креда на чевлите“. Јас ѝ одговорив дека немам огледало во училницата и дека не ми треба, важно ми е децата да ја сакаат наставата и да научат - вели таа.



Љупка е од генерациите учители со вишо образование. Така, Чагорска се запишала да го дозаврши факултетот на 49 години. За три години ги зела сите испити и дипломирала на 51 година. А претходно, благодарение на долгогодишната практика и постигнати успеси во воспитно-образовниот процес, била ментор на првата генерација учители со факултетско образование, а и тоа по неа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема