X
 22.06.2018 Образование

Културата на изразување, индивидуална вештина или задолжителен предмет?

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола неколку години наназад покрај ораторски натпревари организира и работилници за јавен настап кои се многу популарни, несекојдневни и практични. Тие се осмислени од проф. д-р Билјана Граматковски, вонреден професор на Педагошкиот факултет-Битола.

Идејата да се активира студентскиот потенцијал на УКЛО и одличната можност студентите да ги подобруваат вештините за јавно говорење, аргументирано изразување, да остваруваат поуспешни презентации што ќе им користат и пред работодавачите како  и за унапредување на професионалната кариера, беше повод да се осврнеме кон овие “меки“ вештини за јавно говорење и воопшто културата на говорот низ професионалниот објектив на професорот Билјана Граматковски. Скенирајќи еден дел од студентската стварност, таа ја отвора вратата за интересна дебата: дали културата на изразување треба да се развива само како индивидуална вештина или треба да биде задолжителен предмет? 

1

Кога со студентите дискутираме за „jавен настап“секогаш започнувам со прашањето од што најмногу се плашат. Најчестиот одговор е смртта, секако, но истражувањата укажуваат на фактот дека на второ место котира стравот од јавен настап. Тоа не става веднаш до смртта, нели? Но храброста е главна одлика на мажественоста и на женственоста, додаваат студентите.

За да ги убедам читателите на овој текст во важноста на говорништвото, го користам првиот ас од ракавот – Аристотел кој преку својата неисцрпна мудрост како филозоф и естетичар, детално ги изложува техничките методи на убедување, принципите на реторичкото докажување и побивање, имплицирајќи на способноста за научно составување на говорот. Беседништвото е организиран начин на размислување, со основна цел убедување (Ars persuadendi) и придобивање на аудиториумот за она што се говори, преку извонредна аналитичност, восхитувачки подробни прикази на темите и неверојатната способност за проникнување во матриксот на нештата. Па, си размислувам, ако Аристотел успеал да ги убеди гордите Грци во ова, зошто тоа не би му успеало и кај нас.

2

За среќа, јавниот настап е вештина што се учи, па се погоре кажано се сведува на ентузијазам, бидејќи да бидеме искрени, ентузијазмот го привлекува ентузијазмот, а храброста е благородност под притисок. „Две минути пред почетокот повеќе би сакал да ме камшикуваат отколку да почнам, но две минути пред крајот, повеќе би сакал да ме убијат отколку да ме запрат“ – се зборовите на секој ентузијастичен и храбар говорник. Во прилог одат и податоците од една анкета, кои укажуваат на тоа дека меѓу 480 анкетирани компании и јавни организации, комуникациските вештини, вклучувајќи го и говорништвото, се најбараните особини кај работодавачите. Во друга анкета, студентите замолени да ги рангираат вештините клучни за нивен успех во кариерата, даваат еден и ист одговор – усната комуникација.

На студентите, кои во голем број го избираат предметот Култура на изразување за кој сметам дека треба да биде задолжителен предмет за сите насоки на Педагошкиот факултет во Битола, секогаш им посочувам дека модерната, едуцираната публика бара од говорникот да биде искрен, да има добро знаење за нешто важно и корисно, во целост да ги внесе своите чувства и убедувања во темата што ја говори и да ја прикаже суштината на својот говор со едноставни, природни и впечатливи зборови и изрази. „А, што е со тремата“ – прашуваат. Успешните говорници се пресметуваат со себеси во текот на говорењето, никогаш не се водат од инстинктивното влијание на публиката, туку го контролираат и го насочуваат со помош на знаењето. И, иако не постои ни една магична вежба против трема, посочувам да се нурнат длабоко во светот на домашната и светската книжевност каде ќе најдат зборови, силни зборови апсолутно неопходни за нивниот говор – речитоста е поезија на прозата.  Предавањата и вежбите, а потоа и долгите подготовки на студентите оратори во стилот на Демостен, доведоа до тоа Педагошкиот факултет во Битола да биде носител на две први и едно второ место на натпреварот УКЛО ТРИВИУМ во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“–Битола, како и на две трети места на меѓууниверзитетските натпревари. Како професор посакувам уште многу студенти, идни оратори и умни глави кои ќе му „направат услуга на човештвото со тоа што ќе успеат да ги соберат големите животни правила и нивното красноречје во кратки реченици кои лесно се втиснуваат во помнењето и често, многу често повторно ни доаѓаат на ум.“

3

Реториката е моќен инструмент на измамата според Лок, но и ќерка на Афродита која ги измамува смртниците (Сапфо). Во комуникацијата и во јавното говорење секогаш постои одредена, акцентирана граница на интерес. Ако успееме да ја преминеме таа граница, како да сме го освоиле светот, можеби и накратко. Ако, пак, не можеме да ја преминеме, капитулираме. Светот станува исклучително незаинтересиран за нас.

            Проф.д-р Билјана Граматковски, вонреден професор на Педагошки факултет-Битола

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование