X
 26.09.2017 Култура

Претставено годинешното жири на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

1


Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска денес го претстави годинешното жири кое ќе ги оценува кинематограферите на филмовите што ќе се натпреваруваат за „Златна камера 300“. Претседател на жирито е Пол Рене Ростад од Норвешка, а останатите членови се Лука Коасин од Италија, Јани Петери Паси од Финска, македонскиот режисер Даријан Пејовски и  Ерол Зубчевиќ од Босна и Херцеговина.

Претседателот на жирито Пол Рене Ростад рече дека не е лесно да се оценуваат толку добри кинематографери, меѓутоа истакна дека имаат три критериуми по кои ќе водат при изборот:

„Најпрво го оценуваме фрејмот, потоа употребата на светлото и се разбира креативноста на кинематограферот“, рече Пол Рене, додавајќи дека е среќен и почестен што се наоѓа на фестивалот во Битола, кој според него е најшармантниот филмски фестивал кој го посетил.

Јани Петери Паси, минатогодишниот добитник на „Златна Кмаера 300“, истакна дека детектирајќи ги туѓите грешки, потоа самиот внимава да не ги повторува, а Даријан Пејовски рече дека е интересно искуство да се биде единствениот режисер во жирито составено од кинематографери.
 
Лука Коасин, пак беше пријатно изненаден кога Гена Теодосиевска на крајот на прес конференцијата му ја врачи „Малата Златна камера 300“, која ја освои на минатогодишното издание на „Браќа Манаки“, но до сега статуетката не успеала да стигне во негови раце.

2

Филмот „Жаба“, кој синоќа беше прикажан како дел од официјалната компетиција наиде на одличен прием и воодушевување кај македонската публика. Приказната за справувањето со поствоената траума на главниот лик, работена по сценарио на Пјер Залица и Елмир Јукиќ, доживеа огромен успех и во својата филмувана верзија, како и претходно - како театарска претстава. На „Жаба“ работеше и македонски тим, како дел од сложената копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија.

„Уште кога ја погледнав театарската претстава  „Жаба“, си помислив дека ова треба да го видат многу повеќе луѓе, и бев пресреќен што околностите се склопија така да се направи и овој филм со кој луѓето можат да се идентификуваат и да го доживеат како една своевидна колективна терапија. Ние како филмски работници имаме одговорност да ги адресираме овие теми и да се трудиме преку она што го работиме да ги поместиме работите во општеството на подобро“, рече Кеновиќ.  

„Ова е значајна тема, која ни докажува дека имаме сили во нас и можеме да почнеме одново. Среќен сум што сите екс-ју држави ја увидоа важноста на темата и се приклучија како копродуценти. Македонскиот дел од тимот учествуваше со своја екипа на сниматели и во делот на звукот“, рече Салковски.

Режиерот Елмир Јукиќ истакна дека приказната воопшто не е ограничена на балканскиот простор, туку совршено добро би функционирала и во поширок контекст, а кинематограферот Дејан Димески, околу неговиот дел од работата истакна дека било предизвик да се работи во затворена просторија со многу прозорци и огледала и со долги кадри, кои би ја доловиле енергијата и изведбата на актерите – кон кои било прилагодено снимањето.

4

Легендарниот француски мајстор на кинематографијата, Пјер Лом, добитник на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело, синоќа во малата сала на Центарот за култура во Битола зборуваше за својата филмска работа.

Лом објасни дека ако сакате да се занимавате со правење филмови мора да го познавате најважниот дел, а тоа е камерата. Иако на почетокот многу се интересирал за музиката, особено за џезот, сфатил дека нема таков талент и ентузијастички се посветил на филмската камера, на почетокот снимајќи документарни филмови низ Париз, за во денешно време, да стане еден од најзначајните кинематографери во филмската историја.

Од главната компетиција за „Златна камера 300“ денес ќе се прикажат филмовите „Фелисити“ и „Без љубов“. Во програмата европски перспективи ќе се прикаже филмот „Викторија“, а во документарната програма филмот „Операција свадба“. Од програмата земја во фокус, љубителите на филм ќе можат да го погледнат австрискиот филм  „Илјадачасовна ноќ“ и данскиот „Да ја скратиме приказната“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура