На 26 јуни во Ректоратот на УКЛО беше одржан прием на студенти од Царинската академија на Руската Федерација, гости на размена на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
На средбата присуствуваа и академски кадри од ФТУ заедно со деканот, проф. д-р Цветко Андреески и продеканот, проф. д-р Александар Трајков, кои во својство на домаќини организираа богата еднонеделна агенда за студентите на размена од Руската Федерација.
На средбата, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, истакна: „Неодамна, под покровителство на Светската царинска организација, студенти од УКЛO зедоа учество на светскиот натпревар 'Московски модел', што претставува огромно искуство за студентите, во функција на нивно подготвување за една од најпредизвикувачките професии во доменот на царинско-шпедитерско работење. Во оваа смисла, Факултетот за туризам при УКЛО е единствен факултет во Македонија што нуди едукација за ова занимање“. Ректорот Коруновски оценува дека соработката со Руската царинска академија се развива во повеќе насоки и благодарение на средствата за далечинско учење и држење предавања на далечина, поврзаноста со најпрестижната школа во Русија ќе биде дел од едукативен процес на Универзитетот.
Во рамките на размената меѓу УКЛО и Царинската академија на Руската Федерација продеканот на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, кој со двајца претставници од студентите учествуваше на настанот Модел на Светска царинска организација во Руската царинска академија пред студентите на академијата одржа и предавање на тема „Светска царинска организација“.
Полина Елагина, студентка од Русија, вели дека ѝ е драго за договорот што постои меѓу двете установи. Тоа ѝ овозможи да дојде во Македонија каде што се чувствува многу убаво и се заблагодарува на исклучителното гостопримството. Благодарение на соработката и размената, таа е среќна дека имаат шанса да ги посетат граничните премини и да го запознаат царинскиот европски систем, за да го споредат со рускиот. Како и нејзините колешки, смета дека размената е добра и корисна можност.
Нејзината колешка од Македонија, Николина Богдановска, студент на ФТУ, смета дека искуството што го стекна во Русија е значајно. Присуството на настанот Модел на Светска царинска организација го оценува како исклучително поради можноста да ги проследат предавања на делагати од целиот свет и да стекнат нови употребливи искуства.
Инаку, кон крајот на минатата година ректорот на УКЛО, Коруновски, при посетата на Руската царинска академија, со неговиот колега, проф. д-р Владимир Мантусов, потпиша договор за соработка помеѓу институциите, со што се отворија можностите за размена на искуства, наставен кадар и студенти помеѓу двете институции.
Присуството на студентите гости е уште една потврда дека интересот за соработка е заемен и дека активно се остварува.