Велосипедот отсекогаш бил омилено превозно средство во Кина. Некогаш го возеле затоа што не можеле да си дозволат поскапо превозно средство, а денес тој стана мода. Ваквиот начин на превоз ги намалува гужвите во сообраќајот, поевтин е од возењето со автомобил или метро, а го намалува и загадувањето за кое Кинезите сѐ почесто размислуваат, особено во текот на оние денот кога буквално можат да видат што дишат.
Пекинг е целосно рамен, па и тоа е важен фактор кој влијае на масовното користење на велосипедите. Насекаде се изградени патеки за велосипедисти, кои се доволно широки за сите кои сакаат да се возат на две тркала. Затоа десетина стартап компании во Кина препознаа нов бизнис во старото превозно средство. Така е создаден пазарот на велосипеди за изнајмување.
Концептот е прилично едноставен: корисникот презема апликација за мобилен телефон, го скенира QR кодот од велосипедот и тој се отклучува. Кога ќе заврши возењето, велосипедот се остава каде и да е и се заклучува. Исто така, апликацијата прикажува мапа со најблиските велосипеди, го бележи секој поминат метар и патот по кој се движите. Подоцна знаете колку километри сте поминале, колку калории сте потрошиле и колку сте помогнале во намалувањето на загадувањето на воздухот, но и колку сте заштедиле.
Бројот на јавни велосипеди во Кина уште минатата година ја надмина бројката од 210 милиони, а само во Пекинг има речиси три милиони.
Двете главни компании за изнајмување на велосипеди во кинеската престолнина се „Мобајк“ и „Офо“. Освен нивните портокалови и жолти велосипеди, покрај патиштата во градот може да се видат и некои сини, бели и црвени заклучени и напуштени велосипеди. Останале како споменицина компаниите кои не преживеале на тој пазар. Многу велосипеди, сепак не завршуваат покрај патот, туку на вистински „гробишта“ за велосипеди.
Сиот свет ги виде фотографиите од илјадниците шарени велосипеди ширум Кина, кои од воздух изгледаат како полиња со холандски лалиња, но гледано одблизу, тоа е голем проблем со кој се соочуваат властите во Кина.
За нештата да бидат поинтересни, не станува збор за неисправни, туку за исправни велосипеди. Некои дури се и целосно нови, возени само еднаш или двапати. Тие се запленети од страна на полицијата или градските власти бидејќи биле непрописно паркирани. Во некои градови има места на кои може да се паркираат велосипедите, но во пракса секој паркира каде му е најзгодно. Затоа непрописно паркираните велосипеди се собираат и фрлаат на куп.
Ќе се запрашате зошто компаниите не си ги земаат велосипедите. Па, како што би морале да платите казна кога пајакот ќе ви ја собере колата, така е и со велосипедите. А, казните можеби не се високи, но има многу велосипеди.
Но, со новите технологии можеби ќе се реши проблемот со гробиштата. Со нив, теоретски, постои можност оние кои ќе го паркираат на необележани места да бидат казнети, иако во пракса тоа никогаш не се случило и покрај најавите од компаниите за делење
велосипеди.