Патека „52“ (педесет и два) е името на новата патека во Скијачкиот центар „Маврово“, која првпат ќе биде пуштена во употреба во новата скијачка сезона. Името на патеката „52“ ја избрале следбениците на скијачкиот центар Маврово преку социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Со името им се оддава почит на 52 загинати лица во снежна лавина која се случила во февруари 1956 година.
Корисниците на социјалните мрежи предлагале креативни имиња за патеката, а гласале повеќе од 500 следбеници што го избрале предлогот „52“.
- Овој предлог доби најмногу лајкови и го прифативме. Заедно со кумот, наскоро, ќе ја одбележиме патеката и ќе ја крунисаме со новото име - вели Хрипсиме Кузевска, маркетинг-менаџер на Скијачкиот центар - Маврово.
Патеката го носи името во помен на 52 загинати лица во снежна лавина која се случила ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 година и урнала куќи и бараки по долината на реката Радика, во селата Стрезимир, Штриковица и месноста Торбешки Мост. Во лавината биле затрупани повеќе од 100 градители на мавровските хидроцентрали, граничари и жители на локалното население.
Во спомен на овој настан, подигнат е и Споменикот на градителите пред браната на Мавровското Езеро, а во Маврово, традиционално, се одржува и меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“.