X
 08.05.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку национални паркови има во Македонија?

Во оваа рубрика ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја

Македонија неделава доби уште еден национален парк. На седница на Владата беше усвоено да почне процедурата за прогласување на Шар Планина за национален парк, а Осоговските Планини за заштитен предел.

Дали знаете колку национални паркови има во Македонија и кој е најстариот?
Првиот прогласен национален парк во нашата земја е Пелистер, прогласен со Закон донесен од Президиумот на Народна Република Македонија на 30 ноември 1948 година. Планината Баба со врвот Пелистер повторно е прогласена за национален парк со посебен Закон во декември 2007 година. На веб-страницата на националниот парк има опширни податоци за биодиверзитетот на заштитеното подрачје.

Пелистер/ Фото: Wikipedia 

Планината Баба, со врвот Пелистер, се наоѓа на јужниот дел од земјата и има алпски карактеристики. Пелистер е стар околу 465 милиони години и е највисок врв во паркот - со 2.601 метар надморска височина.
Едната легенда вели дека името Пелистер потекнува од грчкиот збор peristeri (гулаб), а другата дека доаѓа од петигличниот бор – петлистер.

- Најзаслужен за статусот национален парк е петигличниот бор молика што го открил австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година. Моликата ја има и на други планина на Балканот, но тука гради најкомпактна шумска заедница. Шетајќи низ Пелистер ќе наидете на стебла постари од 230 години - пишува на страницата.

Маврово првпат бил прогласен за национален парк на 18 април 1949 година. Во образложението тогаш пишувало:
„Националниот парк Маврово е формиран поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле“.
Според податоците објавени на веб-страницата на националниот парк, во 1952 година значително биле проширени границите на заштитеното подрачје – дури шест пати. Во новите граници биле вклучени 37 селски населби од четирите локални предели: Мавровска Котлина, Горна Река, Мала Река и Долна Река. Истите граници останале до денес. Националниот парк опфаќа 72.204,1 ха. Надморската височина се движи од 600 м до највисоката – 2.764 м.

Маврово/ Фото: Wikipedia
Во Маврово основното образование се одвива во четири основни и 11 подрачни училишта во 15 населени места и едно училиште за средно образование. Амбуланти има во селата: Присојница, Скудриње, Требиштe, Жировница и Маврово, додека во селото Ростуше има јавна здравствена установа. Културни домови има во селата Битуше и Ростуше. Општината располага со вкупно 17 спортски објекти - пишува на страницата. 

Националниот парк Галичица е препознатлив по својата богата и ретка природа и неповторлива убавина. Прогласен е за национален парк во 1958 година за да се зачува растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината Галичица. Околу 2/3 од паркот се вклучени во границите на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, впишано на листата со светско културно и природно наследство на УНЕСКО.

Според податоците на веб-страницата на националниот парк, освен планинскиот масив Галичица, опфаќа и делови од нејзините ограноци Исток и Петрино и островот Голем Град во Преспанското Езеро. Надморската височина на планинскиот масив Галичица во Македонија се движи од 695 метри до 2.265 м. Паркот зафаќа површина до околу 24.000 хектари.

Галичица/ Фото: Wikipedia

- Основната геолошка подлога на Галичица е од палеoзојски метаморфни силикати, прекриени со слој од масивни порозни варовници, дебел 500-550 м. Поради порозноста на масивните варовници, постои подземна врска на Преспанското и Охридското Езеро која е научно потврдена. Водите од Преспанското Езеро на западните падини на Галичица извираат на многу крајбрежни и подводни карстни извори. Највпечатливи карстни извори на Охридското Езеро се изворите кај манастирот „Св. Наум“ - пишува на страницата.

Како комплексна целина, паркот заедно со Охридското и Преспанското Езеро има многу богата биолошка разновидност, висок степен на хетерогеност и енедемизам и се смета за навистина многу вреден локалитет во Европа.

Шар Планина ќе прерасне во четврти национален парк во Македонија. На седница неделава Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе јавна расправа и конечниот предлог да го достави до крајот на септември оваа година.

Статусот на заштита го утврдиле експерти кои спровеле студија за валоризација на подрачјата и утврдиле дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности и треба да бидат преземени мерки тие да се зачуваат.


Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Од Министерството велат дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа. Истовремено, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ-директивите за живеалишта и птици.

- Соодветното управување со заштитените подрачја значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување екосистемски услуги. Тоа подразбира заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделство и овчарство. Прогласувањето не значи запирање на сите активности, туку контролирано, планирано и одржливо користење на природните богатства - велат од Министерството.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема