Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, открил дека Владата ќе ја троши добивката од биткоин за да изгради нови училишта во земјата.
Изјавата доаѓа по околу два месеца откако биткоинот стана легална валута во државата. Потегот беше критикуван од многумина, меѓу кои и основачот на криптовалутата етериум, Виталик Бутерин. Според него, присилното воведување еден вид криптовалута е спротивно на идеалите за слобода кои се важни кога станува збор за криптовалутите. Освен тоа, овој потег става многу луѓе под ризик за измама бидејќи тие не се едуцирани за валутата.
Меѓутоа, Букеле останува на одлуката и земјата постојано ги зголемува своите резерви на биткоин. Со последното планирано купување биткоини државата поседува 1.120 биткоини, кои се вредни над 66 милиони долари.
Букеле објаснил на „Твитер“ дека државата заработува од биткоин преку фонд кој е финансиран со долари и биткоини. Државата подигнува долари кога вредноста на биткоинот расте, а така фондот ја задржува истата вредност.
Државата веќе отворила ветеринарна болница со оваа добивка. Букеле изјавил за медиумите дека државата заработува повеќе од фондот и ќе ги искористи тие средства за да изгради 20 нови училишта.
Извор:
Interesting Engineering
Фото: Pixabay