X
 04.06.2024 Наша тема

Прилеп и Куманово за една деценија изгубиле над 800 основци, се формираат паралелки со тројца ученици

За 10 години едни од најголемите општини во Македонија - Куманово и Прилеп, едната од источниот, а другата од западниот дел на државата, бележат намалување за над 800 ученици во основните училишта.

Според податоците добиени од Општина Куманово, која е втора по големина во државата по Скопје, во вкупно 16 основни училишта настава посетуваат 9.873 ученици, што е за 852 помалку од пред десет години кога имало 10.725 основци. Првачиња во оваа учебна година во Куманово има 1.089, а во учебната 2013/2014 биле 1.248, или за 159 помалку.

- Бројот на вкупно запишани ученици во 2023/2024 во споредба со 2013/2014 учебна година е намален за 7,94 проценти, додека бројот на првачиња за 12,74 отсто - соопштија од Општина Куманово.

Ситуацијата е слична во Прилеп, каде што според последниот попис во 2021 година е забележан пад на резидентното население од над 7.743 жители во споредба со оној од 2002 година. Ваквиот тренд го следи и бројот на ученици. За една деценија основците се намалени за 841 ученик, а првачињата за 64.

- Во основните училишта во Прилеп во учебната 2023/2024 година има 6.264 ученици од кои 754 се првачиња. Бројот на ученици во основните училишта за учебната 2013/2014 година бил 7.105 ученици со 818 првачиња - соопштија од Општина Прилеп.



Со ова уште еднаш се потврди ситуацијата за која Факултети.мк пишуваше неодамна - дека во поголемиот број општини се бележи драстично намалување на основците. За една деценија Битола, која според последниот попис е трета општина по број на население во државата, изгубила повеќе од сто првачиња. Општинската статистика покажува дека училиштата во градот бројат 7.477 основци, што е за 112 помалку од пред десет години кога биле 7.589. Речиси и да нема општина во државата каде што претежно живее македонско население, а да не се празнат училиштата. Во Струмица има за 126 првачиња помалку од лани, а во Охрид 94.

Како во другите општини, така и во Куманово и Прилеп со согласност на општинските совети се формираат паралелки со број на ученици под законскиот минимум за да не дојде до затворање на паралелки, а со тоа и на школи. Законот за основно образование дозволува паралелки да се формираат со 20 до 30 ученици, а со согласност од Советот и со помалку. Во Куманово најмалите паралелки се со 7 ученици, а во Прилеп со три. Мерка што ја преземаат општините за да се зголеми бројот на ученици е субвенционирање на семејствата на првачињата, кое се движи од 2.000 до 5.000 денари по прваче.

И официјалните податоци на Државниот завод за статистика објавени на крајот од март годинава покажуваат тенденција на празнење на основните училишта во државата. Така, на почетокот на учебната 2023/2024 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 182.124, што претставува намалување за 1,6% во споредба со претходната учебна година. Според ДЗС, во Македонија на почетокот на учебнава година имало 955 основни училишта (едно помалку од лани) со 11.103 паралелки (13 помалку од лани) и 18.831 наставник (219 помалку од лани).
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема