Интервјуа со деканите на ФИНКИ и ФЕИТ, каква студентка била нашата позната режисерка Теона Стругар-Митевска, како Марина ја зарази Гевгелија со ентузијазам, кој друг град бил во игра за изградба на „Македониумот“ се само дел од темите на кои се задржавме минатата недела
Во рубриката „Кога бев студент“, гостинка ни беше
режисерката Теона Стругар-Митевска.
Љубопитноста и упорноста отсекогаш биле нејзини карактеристики. Од мала била тврдоглава и бунтовничка. Режисерката Теона Стругар-Митевска е нашиот избор за соговорничка за рубриката „Кога бев студент“ за месецов. Режијата и се наметнала од мала, растела со уметност, глума, сликање и прашање било на брза одлука дека сака да биде филмска режисерка.
- Филмската програма на Њујорк универзитетот е многу ригорозна. Првата година правевме два филмa: документарен и игран и двата на 16мм лента, втората година игран филм во боја на 35мм лента. „Вета“, мојот краток филм кој на некој начин и ја започна мојата кариера со тоа што беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал е филм кој го снимив во втората година од студиите. Третата година е година за подготовка на дипломскиот филм. „Како убив светец“ би можел неофицијално да се квалификува како мој дипломски филм. Тогаш постдипломските траеја три години, сѐ уште не беше актуелен Болоњскиот систем во образованието – се потсети нашата режисерка.
Гевгелија е подобро место за живеење заради Марина, ентузијастка која со неколкумина покажува дека промената ја правиме самите. Историјата покажува дека поединци можат да направат многу важни работи, се разбира, доколку успеат да го убедат светот да ги слушне, а уште повеќе и да им се придружи. Тоа го докажува и
активистката Марина Томова од Гевгелија, која во изминатата година направи голема промена, пред сѐ, кај еколошката свест на своите сограѓани.
Томова 15 години живеела во Холандија. Пред две години одлучила да се врати во својот роден град и да направи некаква промена не само за себе, туку и за своите сограѓани. Понесена од мотивот својот роден град да го направи подобро место за живеење, да се бори со песимизмот и со политиката, таа заедно со свои сограѓани, но и пријатели од Холандија пред точно една година го основа здружението „Changemakers4all“. И оттогаш ентузијазмот не спласнува, а бројот на поддржувачи расте.
Неделава имавме и две интервјуа со деканите на два успешни факултети на УКИМ.
По само 8 самостојни академски години ФИНКИ стана еден од најпрестижните факултети во државата, факултет кој го избираат најголем број на матуранти, кој прерасна во најголем технички факултет во Југоисточна Европа по број на студенти.
Проф. д-р Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство вели дека и оваа академска година очекува најдобрите матуранти да го одберат овој факултет.
Проф. д-р Иван Чорбев
- За време на летните одмори ФИНКИ работи со полна пареа и во моментов се врши реконструкција на мрежната инфраструктура на факултетот, се набавува дополнителна ИТ опрема која ќе се користи од страна на студентите. На новите студиски програми од минатата година, освен продлабочените знаења за информатички и компјутерски технологии, силен акцент ставивме и на претприемачките вештини. Во тој контекст, на техничкиот кампус каде е сместен ФИНКИ, минатата година започна да функционира универзитетскиот „Бизнис акцелератор УКИМ“, со поддршка од ФИТР и конзорциум од искусни партнери, отворајќи можност стартап идеите на нашите студенти да добијат менторска и финансиска поддршка за брз раст во успешни бизниси. Со тоа ФИНКИ како дел од УКИМ го држи чекорот со современите ИТ факултети кои на студентите им обезбедуваат знаење, вештини, но и инкубација и акцелерација на нивните бизнис идеи – ни откри Чорбев.
Предизвиците во образованието на инженерите денес се посложени од кога било: треба да подготвувате студенти за работни места кои сè уште не постојат и да решаваат проблеми кои сè уште не се дефинирани. Затоа на
Факултетот за електротехника и информациски технологии ги вклучуваме студентите во проектни активности кои се организираат со компаниите, при што студентите решаваат реални проблеми, односно го имплементираме концептот учење базирано на решавање проблеми, вели проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ во интервјуто за Факултети.мк.
Проф. д-р Димитар Ташковски
- По полни шест децении, Факултетот за електротехника и информациски технологии прерасна во една од водечките високообразовни институции во државата и во регионот. Ваквата позиција е резултат на придонесот на голем број генeрации вработени, кои го вложиле и го вложуваат својот личен, наставен и научен капацитет во развојот на факултетот. Врз основа на воспоставените пракси на нашите претходници кои го градеа факултетот во изминатите 60 години, пред 5 години го воведовме ISO 9001 стандардот во нашата работа. Горди сме што може да кажеме дека сме единствениот факултет со стандард ISO 9001-2008 во сите дејности на дејствување (високообразовната, научноистражувачката и применетата дејност). Тоа овозможува континуирано следење на квалитетот на студиските програми, ефикасноста на студирањетo, оценувањетo на сите учесници во наставната, апликативната и научноистражувачката работа, стручно-административните и техничките служби и менаџментот –ни откри Ташковски.
Пишувавме и за секојдневните навреди на социјалните мрежи кон припадниците на ромската заедница и каква опасност носи говорот на омраза кон нив.
„Ѓупчишта, затоа цел живот се срамни и одвратни“. Ваков коментар има под објава на „Фејсбук“, во чија содржина стои дека две деца припадници на ромската заедница претепале кутре и го фрлиле во вода да се удави. Чинот со насилството е за осуда и потребно е да се преземат соодветни мерки, но во коментарите имаше лавина од пцости и погрдни зборови упатени кон ромското население, бидејќи во објавата беше нагласено дека децата што го направиле делото биле Роми. Во реакциите има и коментари со кои се осудуваат оние што навредуваат и со омраза пишуваат за ромската заедница. Социјалните мрежи се место каде што многу лесно се поттикнуваат омраза и нетолеранција. Примерот од погоре е само еден од многуте што ги има најчесто на „Фејсбук“ и на „Твитер“, а се однесуваат конкретно на припадниците на ромската заедница.
Откривме и дека за изградба на
„Македониумот“ во игра бил уште еден град во Македонија.
„Споменикот ,Илинден' или ,Македониум' се наоѓа на ридот Гуменија во Крушево. Изградбата почнала во 1970 година и биле потребни четири години за да биде завршен. Дело е на архитектите Јордан и Лира Грабул. Висок е 25 метри, изграден е од лиен бетон арматура и стакло. Денес се наоѓа во добра состојба“.
Ова се основните карактеристики за споменикот на веб-страницата www.spomenikdatabase.org. Денеска местото ќе биде преплавено од високи делегации, гости и посетители кои традиционално ќе го одбележат 2 Август, попознат како Илинден.
Фото: Wikipedia
Иницијатива за меморијален споменик посветен на Илинден постоела уште од 1950 година, но дури во 1968 година владините тела составиле комисија да ја организира изградбата на големиот меморијален комплекс. Иницијацијата за формирање на комисијата веројатно била поттикната и од најавената посета на југословенскиот претседател Јосип Броз - Тито на Крушево во 1969 година по повод 25 години од АСНОМ. Првата дилема била дали комплексот да се гради во Крушево или во Битола. На крај победило Крушево - поради високата делегација и поради страдањата и тешките времиња низ кои поминал градот.
Неделава ја запознавме и најдобрата студентка на Архитектонскиот факултет од Скопје. Дипломирала во 2018 година како најдобра студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје со просек 9,67. Никакви привилегии не ѝ донел овој голем успех, дури заради финансиски средства не можела да си го оствари својот сон за продолжување на обарзованието во странство, иако веќе била примена на програма во Холандија.
Ова е приказната за Сања
Аврамоска, која вели дека иако звучи како клише, но за да се постигне највисок успех на Aрхитектонски факултет, не е доволно само талент и малку работа - потребна е секојдневна посветеност и редовно завршување на обврските.
- Ова значи дека не треба да се одложуваат работите од денес за утре. Самиот факултет носи едно динамично темпо на функционирање, така што само на овој начин може да се биде во тек со секоја нова задача. Архитектурата подразбира и бара постојано унапредување на целокупната личност на архитектот, сѐ со цел негова техничка подготвеност да се одговори на задачата. Истовремено, архитектот мора да биде критичар и креативец, подготвен во сѐ да бара инспирација и во сѐ да препознае архитектура... За сето тоа е потребна и голема мотивираност секогаш да бидете на врвот на задачата и да се трудите да бидете подобри од претходно и да поставувате повисоки стандарди за себе. Не за џабе се пишува дека студентите по архитектура се највредни - за време на факултетот се стекнува таа работна навика која важи за цел живот, а не само за студиите, затоа што нема друг начин на кој би функционирал еден архитект кој сака да биде успешен во она што го работи – вели Сања.