Минатата седмица, 24-28 октомври, се одржа деветиот натпревар „Хардвер и софтвер“ на Факултетот за технички науки при Универзитетот во Нови Сад. Екипа од ФЕИТ во состав: Никола Јовановски, Деан Живковски, Влатко Бунтевски и Ненад Стефанов под водство на стручниот соработник Љупчо Карајановски, по интензивните подготовки при Институтот за електроника, успеа да ја одбрани шампионската титула што ФЕИТ ја држи веќе три натпревари по ред.
Натпреварот „Хардвер и софтвер“ (H&S) наизменично се одржува во Нови Сад и Бања Лука за време на меѓународните конференции „Енергетска електроника“ и „Индустриска електроника“. Серијата успеси ја започна екипата во состав: Мартин Цветковски, Лазе Димитриевски, Игор Симевски и Стојан Матески под водство на (тогаш) соработникот Дарко Цветковски со освојување на првото место на натпреварот во 2011 година. Нивниот „
Mars-Explorer“ успешно и најбрзо ги собра сите податоци од „сондите“.
Во 2012 година Александар Лазаров, Татјана Чавдарова, Викториа Донева и Сашко Јовановски под водство (повторно) на Дарко Цветковски составија роботска рака опремена со камера и „компјутерска интелигенција“ и ги победија сите екипи во играта „
состави четири“, со што по втор пат го освоија првото место за ФЕИТ. Како куриозитет, на крајот од натпреварот судиите одиграа против роботската рака и – изгубија.
Во 2013 и 2014 година овие натпревари не се одржаа, но екипа од ФЕИТ во состав Александар Лазаров и Мартин Стојановски, под водство на (тогаш) соработникот Бранислав Геразов, учествуваа на сличен натпревар во Темишвар – Румунија на натпреварот Robotec 2014 во дисциплината Micromouse. Нивното „глувче“, мало возило опремено со сензори и алгоритми за движење кое што сами го изработија, беше единствено што го реши лавиринтот и ја пронајде целта, со што го освоиja првото место. На тој начин ФЕИТ и Институтот за електроника, ја „одржаа својата кондиција“.
По две години затишје организаторите во Нови Сад успејаа да пронајдат спонзори за натпреварот и повикот до натпреварувачите беше обновен. Задачата во 2015 година беше инспирирана од најновите напредоци во конструирањето автономни возила. Натпреварувачите имаа на располагање минијатурно Buggy возило управувано од вграден микрококомпјутер што требаше да го програмираат да следи линија. Дополнително, преку соодветен сензор за боја, требаше да ја препознаат бојата на одредени обоени површини долж патот, да исчитаат податоци од бесконтактни читачи (RFID) и во реално време преку безжична врска да ги испратат податоците до централен компјутер, за кој што требаше да напишат програма за прикажување на податоците.(!)
Времето до натпреварот беше кусо, но за наша среќа компанијата Логинг електроникс во Скопје ги имаше на лагер повеќето потребни компоненти. Веќе наредниот ден по објавувањето на задачата тимот ги имаше компонентите на располагање и започна со подготовките. Пријатели од Електротехничкиот факултет во Белград помогнаа и последната компонента што недостасуваше да пристигне во Скопје за помалку од 24 часа. Наместо продолжен викенд, тимот интензивно се подготвуваше во просториите на Институтот.
Силното темпо продолжи и во Нови Сад со деноноќна работа на задачата. Иако поединечно компонентите функционираа исправно, нивната интеграција во комплексен систем му донесе на тимот многу главоболки и две непроспиени ноќи, но не само ним, ами и на другите тимови. Она што, сепак, му даде сигурност на нашиот тим беше одличното кондиционирање на сезорите и оригиналниот алгоритам за следење на линијата. Благодарение на нив
возилото сигурно се движеше по патеката независно од брзината или острите кривини. Конечно, во финалето во петокот (30 октомври), тимот од ФЕИТ собра 15 задолжителни поени повеќе од сите други тимови и не им остави простор на судиите да можат да го променат резултатот со нивните десет поени за „уметнички впечаток“.
Овие резултати, но и други резултати на студентите од ФЕИТ, на пример, второ место на балканскиот натпревар LabView, прва награда за иновација на Макинова, најдобро демо на врвна конференција од телекомуникации, не се случајни. Студентите на ФЕИТ „се калат“ низ многу предмети во кои што се комбинирани теоретските и практичните вештини во сите студиски програми, а Институтот за електроника, покрај тоа, посветува дополнително внимание во програмата „Компјутерско хардверско инженерство и електроника“ да бидат добро избалансирани хардверските со софтверските елементи. Покрај предметите од наставата, студентите „се челичат“ и на традиционалниот натпревар со меѓународно учество „Робомак“, како и во летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“. Овие настани се одржуваат секоја година и посебно го акцентираат комбинираниот хардверско-софтверски пристап во решавањето различни проблеми.
П.С. Најнова информација:
Сопственикот на компанијата Микроелектроника од Белград побарал контакт со учесниците на натпреварот за да им понуди вработување или студентска пракса.
Автор: Проф. д-р Јосиф Ќосев,
Раководител на Институтот за електроника при ФЕИТ
Извор:
feit.ukim.edu.mk