Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) во српскиот парламент поднесе предлог-измени на Законот за работа за скратување на работното време од осум на шест часа. Како што наведуваат, тоа го прават по примерот на некои европски кралства.
- На овој начин продуктивноста би била поголема, но и среќата на работниците би се зголемила поради фактот дека имаат повеќе време за себе и за својата фамилија во текот на денот - истакна Жика Гојковиќ, претседател на ПОКС.
Тој оцени дека со скратувањето на работното време би се намалил бројот на боледувања, а со тоа и трошоците на работодавците и на државата, а ефикасноста на работа и квалитетот на услугата би се зголемиле.
Жика Гојковиќ
Фото: Wikipedia
- Голема заблуда е дека работниците можат да работат со полна концентрација и капацитет сите осум часа, затоа е подобро поефикасно да се работи шест часа, отколку помалку ефикасно осум - рече Гојковиќ.
Од ПОКС наведуваат дека во Кралството Шведска одредени компании преминале на овој систем уште пред 13 години и не го напуштиле до денес бидејќи, освен што добиле посреќни работници, забележале и поголем
профит.