X
 04.12.2017 Образование

На проверка 2.000 докторати од приватните факултети во Србија!

doktorat

Комисијата за акредитација и проверка на квалитет (КАПК) ги доведе во прашање дипломите на околу 2.000 професори, доценти и асистенти на приватните факултети во Србија.

Во денешното издание, српските „Вечерње новости“ известуваат дека „под лупа“  се ставени над 2.000 докторати на предавачи од приватните универзитети „Сингидунум“ , „Мегатренд“, „Унион Никола Тесла“, високите професионални училишта и други приватни факултети.

Весникот додава дека со контролата на дипломите на професорите, доцентите и асистентите, се доведуваат во прашање и дипломите на студентите кои биле оценувани од нивна страна, како и квалитетот на студиските програми на кои предавале.

Членот на КАПК, професорот Мирољуб Миливојевиќ истакнал дека се работи за „неважечки дипломи затоа што биле издадени од установи кои никогаш не добиле решение за утврдување на условите за обновување на дејноста за магистерски и докторски студии“.

Оштетените професори сметаат дека проблемот настанал кога во постапката за реакредитација, КАПК одлучиле на докторите на науки вработени на факултетите и високите школи да им побараат план и програма за докторски студии, што е невозможно, како што наведуваат тие, за оние кои дипломирале пред воведувањето на „Болоњскиот систем“.

Во решавањето на проблемот се вклучило и Министерството за образование кое истакнува дека веќе побарале мислење од Националниот совет за високо образование, но и од меѓународните институции.

Како што наведуваат оштетените, „работа на просветната инспекција е да проверува дали високошколските установи ги исполнуваат сите услови врз кои се акредитирани, а за 12 години нуту во една од тие установи не бил констатиран проблем во врска со дипломите што денес се оспоруваат“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование