X
 05.01.2017 Живот

Дали знаете како настанала електричната столица?

Електричната столица, како начин на извршување на смртната казна, низ историјата се користела само во САД и од 1924 година на Филипини, а првиот човек кој бил усмртен на овој начин бил Вилијам Кемлер, осуден на смрт заради убиство со секира на својата невенчана сопруга.

Појавата на електричната столица била мотивирана од потребата за изнаоѓање нов, похуман начин на извршување на смртната казна во Америка.

Њујоршкиот забар, Алфред Саутвик, во 1881 година слушнал за случка кога некој човек во алкохолизирана состојба допрел соголени жици на вклучен генератор и починал на самото место. Во прв момент бил шокиран, но подоцна заклучил дека електричната енергија би можела да се користи како алтернатива на погубувањето со бесење.

Затоа решил да ја модифицира забарската столица и почнал да експериментира со животни, убедувајќи ги сите околу себе дека смртта предизвикана од струен удар е многу брза и целосно безболна.

Така електричната столица е воведена во легалната пракса на извршување смртна казна и првпат е применета во случајот на Вилијам Кемлер во 1890 година, за што објавиле речиси сите светски медиуми.
 
Следното погубување било извршено веќе наредната година, а заклучно со 2006 година е спроведено во 4.461 случај. Меѓутоа, во 1977 година, како похумана метода за извршување на смртната казна е воведена смртоносната инјекција, па електричната столица сè поретко се користи. Инаку и денес е легална во Алабама, Вирџинија, Кентаки, Небраска, Тенеси, Флорида и Џорџија, а од сите овие наведени држави, како единствен начин на извршување на смртната казна, постои само во Небраска.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот