Премногу пластични кеси има во употреба, и тие треба да исчезнат. Се чинише дека веќе е поминато времето на
пластични кеси за овошје и зеленчук. Германскиот синџир на супермаркети „РЕВЕ“ пронајде нивна алтернатива – но и таа се изработува од пластика.
Клаус Јаблонски веќе продал 129 посебни пластични кеси за повеќекратна употреба. Тој работи во една од стотините продавници на „РЕВЕ“ кои им најавија „војна“ на малите, обични кеси за пазарување изработени од пластика. Од октомври оваа компанија во своите филијали на тезгите за овошје и зеленчук , ја тестираат употребата на кеси за повеќекратна употреба. Наместо да одберат обични пластични кеси, муштериите сè почесто одбираат да купат мрежести кеси кои можат повеќе пати да се употребуваат. На овој начин се штеди на пластика и кај купувачите се создава чувство дека и самите придонесуваат за заштита на животната средина.
Насекаде на светот постојат обиди да се намали користењето на пластична амбалажа. Откако во ЕУ беше донесена одлука за намалување на годишната потрошувачка на пластични кеси на 40 по глава на жител, низ германските супермаркети истите исчезнаа од употреба или почнаа да се наплаќаат, со цел дестимулирање на нивното користење.
Некои земји направиле и чекор понатаму: Кенија го забрани производството и увозот на пластични кеси.
Пластиката е на „лош глас“. Ги загадува океаните и предизвикува штета по човечкиот организам, каде стигнува преку синџирот на исхрана во вид на нано-честички. Затоа, и алтернативната пластична кеса за повеќекратна употреба не е вистинско решение. Освен тоа, многу други производи исто така се продаваат во садови изработени од пластика, истакнува Фредерик Вурм, кој работи на институтот „Макс Планк“ во Мајнц, каде ја истражува физичката хемија на полимерите и разградувањето на пластиката.
„Тенките пластични мрежи имаат многу подобар еколошки биланс во однос на другите кеси и амбалажи што се изработуваат од пластика. Дури ни хартиените кеси не даваат подобри резултати“, вели Герхард Кочик. Тој е експерт за амбалажа во Сојузната служба за заштита на околината. Пластичните мрежи за овошје се направени од многу тенка фолија и нивното производство не бара многу ресурси.“ Платнените кеси како алтернатива се потешки и за нив ви треба памук и покомплициран процес на производство“, појаснува тој. Алтернативата во вид на пластични кеси за повеќекратна употреба се исплаќа само кога тие се користат повеќе пати.
„Важно е и правилното селектирање на отпадот, кој се состои од пластични мрежи за повеќе употреби“, сметаат Вурм и Кочик. „Кога сè уредно ќе се разгради, тогаш не би требало да имаме дополнителен проблем со отпадот, во најмала рака не во западниот свет“, вели Вурм. Пластиката е проблематична само кога неконтролирано ќе се „насели“ во човечката околина и природата. Кенија морала да ја забрани употребата на пластична амбалажа затоа што нема добар систем за рециклажа. За разлика од нив, граѓаните во Јужна Кореја употребуваат многу повеќе пластични кеси во споредба со Германците, но имаат многу добар менаџмент во рециклирањето на отпадот.
Катарина Истел, која работи за Германскиот сојуз за заштита на природата – НАБУ, истакнува: „Се разбира дека можеме да спориме околу материјалот од кој се произведуваат мрежите за овошје и зеленчук во РЕВЕ. Но, не се работи за тоа. Супер е што еден синџир на супермаркети воведува таква алтернатива и ја интегрира во продажниот процес.“.
И Фредерик Вурм се залага за промена на свеста. „Таа свест мора да постои кај сите нас. Пластиката е вредна суровина и порано не ја ценевме, затоа што се фрлаше во големи количества. Не смееме да ги заборавиме и нејзините добри страни. Храната спакувана во пластична амбалажа и под хигиенски услови по системот МАП (Modified Atmosphere Packaging) што претставува посебен процес на вшмукување на воздухот и вбризгување на гас во пластичната амбалажа, има подолг и побезбеден рок на употреба. И затоа пластиката е добра.“