X
 27.12.2017 Култура

Дали знаевте дека овие зборови настанале од личните имиња на славни луѓе?

Одредени зборови што секојдневно ги користиме настанале според имињата и презимињата на луѓе кои оставиле печат во историјата.

Бојкот

Чарлс Бојкот не бил многу популарен во Ирска во текот на 1880 година. Кога, поради болест, морал да ја напушти воената служба, почнал да работи како агент кај еден земјопоседник во округот Мејо. Проблемите на Бојкот почнале во 1879 година кога економската криза предизвикала пропаст на ирското земјоделство, поради што се заканувал глад. Ирските селани се организирале и почнале да бараат пониски закупнини. Тие, предводени од заговорниците за ирска самоуправа – Чарлс Стјуарт Парнел и Мајкл Давит, ја формирале Ирската аграрна лига и во 1880 година побарале од Бојкот да ја намали закупнината за 25 проценти.

Бојкот го одбил барањето, но не очекувал дека оваа одлука ќе го чини речиси сè што создал претходните години. Разгранокот на Аграрната лига во округот Мејо барал од работниците на Бојкот да ја запрат својата работа и да започнат кампања за изолирање на Чарлс Бојкот од локалната заедница.

Никотин

Кога францускиот научник Жан Нико во 1561 година се вратил во Париз од службата во Лисабон каде што бил амбасадор, со себе донел и растение кое создава зависност, а кое било откриено во новиот свет. Нико се „запознал“ со ова растение и знаел дека кога истото ќе се претвори во прав, може да се шмрка и да служи како лек за многу заболувања, вклучително и за рак. Откако пред кралицата Катарина Медичи демонстрирал како се употребува овој прав и дека може да биде лек за нејзините чести главоболки, шмркањето тутун станало популарно во Париз. Во 1753 година шведскиот природонаучник Карл фон Лине на еден вид тутун му го дал називот „никотиан“ во чест на францускиот дипломат, а активната состојка на ова растение што првпат е изолирана во 1828 година е наречена никотин.

Мазохизам

Леополд фон Захер-Мазох бил австриски писател на историски романи и романи со тематики од алтернативната сексологија. Неговото најзначајно дело „Венера во крзно“ било објавено во 1870 година. Во романот се опишуваат сексуални фантазии и фетиши, поврзани со доминантни жени кои носат крзно. Подоцна, таквите фантазии и самиот ги практикувал со своите љубовници и сопруги. На 9 декември 1869 година Мазох и неговата љубовница, баронесата Фани Пистор, потпишале договор според кој тој се обврзал да стане нејзин сексуален роб во период од шест месеци, под услов баронесата што почесто да носи крзно. Во 1886 година австрискиот психијатар Рихард фон Крафт-Ебинг го сковал терминот „мазохизам“ за да ја опише деривацијата на сексуално задоволство од физичка болка и понижување.

Силуета

Силуета, првобитно црн портрет на бела заднина, е уметничка форма која била популарна во 18 и 19 век и своето име му го „должи“ на францускиот министер за финансии Етјен де Силует. Кога Франција паднала во криза по седумгодишната војна, францускиот крал Луј Единаесетти го ангажирал Силует да се погрижи за државните финансии. Мандатот на Силует траел три месеци, а за тоа време тој ги намалил платите и пензиите и вовел данок на имотите на благородниците. Тоа не му се допаднало никому, па граѓаните во Франција во знак на протест почнале да носат костуми по теркот на Силует – едноставни и тесни, како божем да осиромашиле и да ослабеле од глад. Потоа граѓанскиот бунт продолжил така што се цртале такви човечки форми само со скици по ѕидовите на зградите, со написи дека тоа се жртви на Силует, кои се истанчиле од гладување.

Квислинг

Синонимот за предавство и соработка со непријателот, кој се однесува за лица што им помагаат на непријателите да ја освојат нивната земја, го добил својот назив според норвешкиот политичар Видкун Квислинг. Тој на почетокот на Втората светска војна одржал многу состаноци со Хитлер и неговите соработници за да ги увери во нужноста од освојување на Норвешка. Германија во април 1940 година извршила инвазија врз Норвешка, а членовите на кралското семејство биле принудени да го напуштат Осло. Квислинг ја здогледал таа шанса да се стекне со власт, па само неколку часа по инвазијата се прогласил за премиер, а својата партија Народен сојуз ја прогласил за единствената легална политичка партија.

Поимот „квислинг“ симболично и во преносно значење денес се употребува за нелојална соработка во која било смисла, а која резултира со штета кон сопствениот народ или средината на која му припаѓа тоа лице. Зборот е првпат употребен во лондонскиот „Дејли мејл“, а потоа радиото Би-би-си го популаризира и во други јазици.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура