Дека професорот Драги Михајловски е еден од омилните кај студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, знаевме и пред да ги добиме резултатите од онлајн анкетата за тоа кој е најинспиративниот професор во земјава. Доволно е само да се прошетате низ факултетот и да прашате за професорот Михајловски. Но, студентите сепак, тоа го потврдија и со гласање. За него напишаа дека е посебен бидејќи подарувал книги, ги почестил кафе цела група бидејќи бил задоволен од сработеното, а велат дека е секогаш полн со ентузијазам и огромна енергија, фин и културен.
„Преполн амфитеатар, сите дојдени да го слушнат. Доаѓаа и од од други факултети“ -напиша за него студент.
„Сите негoви предaвaњa беa нoвa инспирaцијa зa нaс студентите. Ме нaтерa пoезијaтa и прoзaтa дa јa гледaм нa друг нaчин и дa читaм меѓу редoвите“ - стоеше во еден од коментарите.
Сега ние го прашавме професорот Михајловски, што него го инспирира кај студентите, зошто се одлучил да ја работи оваа работа, а неговите одговори се чиста поезија.
Факултети.мк: Студентите од Филолошкиот факултет Ве избраа за еден од најинспиративните професори. Ви значи ли ова?
- Најмногу. Од нив секогаш доаѓа најискреното, најмилото и најтопло мислење. Нема тука трте-мрте. Те вака било, те онака било. Или сте нивниот вистински учител или не сте. Нема трето. Според мене, кариерата на учител треба да започнува по шеесет и петтата година. Дури тогаш имате што да им кажете на студентите. Пред тоа телото уште се бори, а душата уште не решила што навистина сака. Професорите што не се умерено смерни треба што побргу да слезат на земја и да сфатат првин кои се, што направиле и што им дало привелегија и право да застанат пред тој убав млад свет, а дури потоа да кажуваат како е да стигнеш и да бидеш во нивната не многу удобна кожа. Оној професор што првин не се научил себе си кој е и зошто застанал зад катедрата, е лош професор. Другото е техника. Во секој случај највисокото звање е учител. Многу над професорското. Исус, Сократ, Мухамед, Лао Це, Заратустра. Тие биле учители. Секој професор треба да се труди да стигне до звањето учител. За тоа треба да ја отфрли суетата, да биде свесен дека тој е таму да им служи на студентите, а не обратно. Професорот е човек што има или треба да има удел во општиот придонес. Но, знаеме дека тој е само обична единка и со самото тоа ограничен. Колективот и целото човештво го даваат вистинскиот придонес. Колективот, човештвото остануваат, а не поединецот, иако поединци го чинат заедничкото. Но, велиме, во ова време, во наше време, нашата Катедра, нашиот Факултет, нашиот Универзитет... И од најголемите луѓе во историјата на човештвото останувале и остануваат реченица или две во енциклопедиите. И тоа прашање е колку тие мисли се нивни! Значи професорот мора да биде понизен и свесен дека од него не зависи многу, дека, на крајот од кариерата, а тој бргу доаѓа, најчесто пред да успеете да го кажете најважното, односно како да се живее во овој џарнат свет, битен е само општиот впечаток. Ако се труди професорот да биде ваков, сигурен сум дека студентите навистина ќе го засакаат и ќе го запаметат како човек што работел на себе, што ги научил нешто, делел еден живот со нив, а не како непотребно надуено битие што излегува еднаш неделно пред нив и им соли ум!
Факултети.мк: Што Ве инспирира Вас кај студентите, за да им бидете и секако да останете посветени?
- Најинтересно е, секако за мене, скриеното знаење на студентите. Тоа секогаш ме вдахновувало. Секогаш ме мачело, обично на таканаречените испити, што знае друго студентот. Дали свири на некој инструмент, дали пишува, дали преведува, кои други јазици ги знае освен оној што го научил солидно уште во средно или порано. Секогаш сум ја ценел креативноста. Во секое поле. Дали ќе стане добар граѓанин или граѓанка, дали ќе се развива понатаму...Сето ова ме инспирирало, пред сè да работам врз себе, да се докажувам зашто цел живот е, ми се чини, докажуваање. Нема запирање. Ако си се фатил за орото, треба да доиграш. Ова за мене е станато слоган што го применувам и следам и денеска.
Факултети мк: Има ли некоја посебна причина што Ве натера да ја изберете оваа професија и како е денеска да се биде учител?
- Нема. Станав професор сосема случајно. Но, гледано од денешен аспект, не би го менувал за ниедно друго звање на светот. Како што ви реков да бидеш учител е нешто највисоко и највозвишено на светот. Да застанеш сам пред тој убав нов свет како што вели Миранда од Шекспировата ЛУЊА, е голема чест и привилегија. И денеска не сум сигурен дали ја искористив шансата како што треба. Не знам дали имав доволно време, дали грешев или не грешев многу. Но, си велам, и да грешев, секогаш било добронамерно. И денеска, и покај измените што се случија, професијата учител, мислам, не е многу сменета, иако материјалното, што е разбирливо, ги брка младите и талентирани подалеку од оваа професија. Тоа отвора место за мнозина кои едноставно не се родени да пренесуваат знаење. Едно време затоа имав идеја таканаречените професори од високото образование да одат да предаваат во основното и средното, таму да се докажуваат , за да сфатат учениците уште многу млади, што значи да учиш од претпоставено најдобрите. Но, таа теза беше лесно отфрлена како идеалистичка и неостварлива. Но, би ја спровел да можам, иако идејава е од времето кога нас ни предаваа заскитани во образованието кадри и немаше толку доброобразовани млади луѓе кои одлично си ја вршат работата и чесно си го заработуваат својот тежок учителски леб.