Драги Михајловски е познато име за студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Тоа е затоа што тој е еден од најпочитуваните и најискусни професори на катедрата за англиски јазик. Него го знаат и како писател, меѓу другото на збирки раскази како „Раскази од шести кат“; „Триполската капија“; „Пеперуткарот“ или „Во земјата на човекојадците“, романите „Пророкот од Дискантија“; „Бајазит и Оливера“, или книгата за деца „Волшебното котле и други бајки“. Михајловски од англиски на македонски превел повеќе од 130.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир и други великани во англиската поезија како Колриџ, Милтон, Јејтс, Елиот итн.
За авторската работа ги добил речиси сите книжевни награди во земјава, а неговите дела се преведени на англиски, германски, француски, италијански, бугарски, албански, хрватски, словенечки.
Овие импресивни одлики се причина за човек да помисли дека тој е многу зафатена личност, која не би имала време да го сподели своето мислење за тема поврзана со студенти. Меѓутоа, Михајловски ни покажа дека е поголем човек од сите нас со тоа што пресреќен ја прифати нашата понуда за интервју на темата „Студентски преводи“. Воодушени од ставовите на Михајловски го објавуваме интервјуто во целост.
Д.П.: За почеток, нешто за вашите студентски денови. Сетете се на вашите преводи тогаш. Дали се гордеете или срамите од вашите рани преводи?
Д. Михајловски: Нема гордеење или срамење од кои било преводи правени порано или подоцна. Штом ќе се потпишете нема враќање. Преводот останува, но среќа како и т.н. изворни дела постои второ дополнето , трето итн. издание што нуди можности за поправка. Едно е сигурно. Никој не се родил учен и секое ново издание е можност за парадигматска поправка на текстот или пополнување на синтагматските шуплини со она другото, останатото, потиснатото и значи истовремено отворање на нови шуплини што плачат за пополнување. Ниеден текст било изворен или преводен не е завршен. Секој текст плаче низ времето за поправка, а преводот нуди најмногу можности за тоа.
Инаку во мое време немаше преведувачка насока( да не зборуваме за Катедра по превод и толкување!), а преведувањето беше придодадена дејност и се изучуваше во рамките на јазичните или книжевните предмети. Тогаш, како и во светот (дури во втората половина на дваесеттииот век преводот започнува да се изучува во САД како академска дисциплина!) и се сметаше преводот за нивен додаток. Првиот мој објавен превод (за жал правен без Речник оти во тоа време постоеше само еден многу мал англиско-македонски школски речник и, главно, се преведуваше на македонски преку тогашните големи српко-хрватски речници на Филиповиќ, Ристиќ, Мортон Бенсон итн. зад кој се потпишав беше „Љубовната песна на Џеј Алфред Пруфрок“ од Томас Стернз Елиот во 1976 година во Билтенот на Естетичката лабораторија при Филозофскиот факултет од Скопје по повод гостувањето на една лондонска група пантомимичари што изведе претстава на оваа тема во аулата на нашиот Факултет! Со некои поправки што би ги направил (не сум имал можност, Т.С Елиот беше наш омилен поет уште во студентските денови и таков, барем за мене, остана!) и денеска сум горд со овој превод!
Д.П.: Велат дека пред десетина години секој добар студент имал шанса да заработи преку превод и имало работа во областа. Што се случува сега? Кој преведува?
Д. Михајловски: Друго беше времето кога добрите и надарени писатели и преведувачи се собираа околу списанијата што редовно објавуваа преводи „Разгледи“, „Современост“, „Стремеж“ или издавачките куќи „Култура“, „Македонска книга“, „Мисла“,„Наша книга“, да набројам само неколку, и кога преведувачите најчесто и самите писатели дополнително и добро заработуваа од сработеното, а друго во поново време, особено по осамостојувањето и приватизацијата.
Со развојот на многуте приватни издавачки куќи, се разви и трката за брзо преведување и брза заработка, па така, многу често, особено во филмската инустрија и при донесувањето на македонски на многуте бестселери, се ангжираат нестручни, неквалификувани луѓе за оваа работа, роднини и пријатели кои „преведуваат“ (за жал сè уште!) од блиските јазици и тоа на многу лош, недоквакан македонски јазик! Не е недозволено да се ѕирне и во друг превод ако го знаете јазикот на кој е работен, но само отпосле за да нема таквиот превод никакво влијание врз пренесувањето на основната литерарност на едно дело или доблестите по кои го вреднуваме и препознаваме како висока уметност.
За среќа, многу од издавачите се свестија на време и денеска сè почесто се ангажираат добрите преведувачи за преведување барем на светските книжевни дела и така ја исполнуваат една од основните задачи на добриот преведувач: да внесува нови идеи и нови концепти во нашиот мал македонски полисистем. За среќа и фондот на квалификувани преведувачи, а со тоа и на жестоката конкуренција меѓу нив што, секако, носи квалитет, секојдневно се зголемува.
Д.П.: Треба ли да им се даде еднаква шанса за добивање превод на студентите како и на дипломираните преведувачи?
Д. Михајловски: Не. Во тоа сум убеден. Едно е студент што студирал јазик и книжевност, а сосем друго студент што студирал превод. Знаењето на јазици и книжевности не е гаранација за добивање добар стручњак по превод. Може студентот да знае јазик и да знае книжевност, но да не знае да преведува. Преводот е посебна дисциплина, а за да се сработи добро потребно е широко образование oд обете култури, од онаа од која се преведува и од онаа на која се преведува, како и одлично познавање и на јазикот од кој се преведува и на јазикот на кој се преведува. Поедноставено, ова значи дека преведувањето е над јазиците, над културите и е во сферите, речиси, на заумното!
Д.П.: Проектот „1000 стручи преводи“ на крајот произлезе со преводи кои се далеку од стручни. Студенти добиваа можност да преведуваат дела од разни области, што вроди лоши преводи. Во кого беше грешката?
Д. Михајловски: Најмногу во професорите што врз основа на својата стручност ги добиваа проектите од издавачите, а потоа, најчесто ги даваа на студенти како семинарски! Како очекувате тука да добиете квалитетни преводи? Се сеќавам само на чесниот пристап на издавачот „Табернакул“ (можеби има и други, не знам со сигурност да кажам!)кој специјално за оваа намена ангажира многу студенти и дипломирани преведувачи кои во специјално најмени простории за нив под НАДЗОР на стручни кадри од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, чесно и квалитетно си ја завршија својата задача!
Инаку ваква работа најдобро се завршува кога заедно работат еден дипломиран англист-преведувач, на пример, и еден специјалист од областа од која се преведува. Плод на една ваква заедничка работа беше, на пример, книгата Неопходен англиски за медицинари, двојазично англиско македонско издание што во 1994 година излезе на нашиот пазар и беше добро примено од целната стручна група. Јас ја работев книгата заедно со урологот од Битола, д-р Виктор Јанковски.
Д.П.: Се чини дека денес е лесно да се најде преведувачка работа на интернет доколку знаете повеќе јазици, особено со бројните онлајн-места за хонорарна работа. Колку е ова добро за професионалните и образованите преведувачи?
Д. Михајловски: За жал, преводот е сè уште потценета работа и превладува општото мислење дека секој што знае односно приучил некој јазик може да преведува, па дури и среднисти. Грижата за негување на современиот македонски јазик не паѓа само врз македонистите, туку, покрај другите, најмногу и врз преведувачите. Преведувачот е чувар на јазикот и како таков треба да се сфати и да се почитува. Убеден сум дека и одговорните од Интернет набрзо ќе сфатат дека преводот не е плукни-залепи работа туку посебна умешност и уметност со свои правила и законитости.
Со ангажирањето на професионални, образовани преведувачи како еден од предусловите да се добие која било работа поврзана со превод, ќе се анулира една од основните грешки на он-лајн преведувачите: повеќе нема да се „преведува“ со цел да се постигне лингвистичка еквиваленција (буквален превод), туку ќе се преведува во потрага по постигнување естетска еквиваленција, односно по трополошко совпаѓање (барање смисла), она кон кое се стремат сите современи школи на преведувањето во светот, а се се препознатливи под еден назив Наука за преведувањето (Translation studies).
Д.П.: Колку е важно академското образование за да се преведува? Дали талентот и интересот се доволни за да се биде добар преведувач?
Д. Михајловски: Академското образование е од исклучителна важност зашто студентите не добиваат само неопходни теориски знаења од областа на преведувањето и толкувањето, туку учат да се стекнат и со практични знаења што ги добиваат од многуте конкретни вежби било по преведување или толкување. Тука талентот за пишување и интересот за преведување се многу важни, но секако многу значајно е и систематското образование со кое, на некој начин, „се скротува“ и насочува тој вроден талент за пишување и се продлабочува интересот на тој начин што на часовите (работилници по преведување и толкување) се пренесува практичното искуство што го добиле со годините инструкторите кои застануваат пред студентите.
Д.П.: Што би им порачале на студентите по превод?
Д. Михајловски: Многу читање од сите достапни области, многу работа, теориска и практична, многу знаења од лингвистиката, книжевноста, општата култура, а и од самата наука за преведувањето која повеќе „не вади“ теории за преводот од јазичните или од литературните науки како во времето на рускиот формалист Роман Јакобсон туку, почнувајќи од школата на раната наука за преведувањето (седумдесеттите години на минатиот век!) од самиот процес на преведувањето.
Преведувачот мора да знае дека преведувањето, доброто преведување, не само што донесува врвни дела од светската книжевност на македонски (ние сме мал полисистем и многу зависиме од преводот!) туку и ја збогатува нашата, македонска книжевност со нови поими, идеи и концепти. Затоа велиме дека преведувачот е над обичниот знајач на јазици и книжевности. За ова мора да е свесен секој преведувач. И дека тој мора двојно повеќе да знае од оригиналниот автор, а да биде секогаш подготвен да го прифати своето место на вторичен, изведен автор кој е помалку платен, помалку ценет, неговото име (ако е воопшто напишано), најчесто е со мали букви и стои или внатре во книгата или на крајот итн.. Дека ако едно дело е добро преведено сите ќе го фалат авторот, а ако е лошо преведено никој нема да вика по авторот, туку сите ќе се нафрлат на преведувачот. Дека таква е неговата судбина, да биде потценет, вторичен, иако примателот на преведеното дело ги слуша и ги прима неговите зборови, а не оние на авторот. Не знам колку за ова се свесни примателите.
Преведувачот, да заклучиме,мора да знае дека е на половина пат помеѓу народен пејач и научник. И дека неговата улога во процесот на постигнување разбирање кон кое се стремиме од збрката на јазиците кај Вавилон до денеска е незаменлива.