X
 25.02.2022 Живот

Заминаа тројца книжевни великани - црна седмица за литературата

Во текот на неколку дена губиме уште едно скапоцено писателско перо, академик Луан Старова (трето, откако ги изгубивме и Драги Михајловски и Радован Павловски)

Овие денови изгубивме многу значајни мислители, дејци и академици кои имаат огромно значење за македонската книжевност и наука. Драги Михајловски, Радован Павловски и Луан Старова. Скромни, а со толкава величина. И покрај физичкото отсуство, нивните дела се вечни и ќе останат запаметени, ќе бидат оставина и аманет за сегашните и идни генерации. Со своето творештво оставија зад себе траен белег и непроценливо богатство. Ќе ги паметиме како исклучителни луѓе, великани во својата дејност. Нивните зборови и дела ќе останат да сведочат за нивната големина.
- Ова е црна седмица за македонската писателска асоцијација. Во текот на неколку дена губиме уште едно скапоцено писателско перо, академик Луан Старова (трето, откако ги изгубивме и Драги Михајловски и Радован Павловски).

Луан Старова - раскошен раскажувач на балканските премрежиња

Старова беше раскошен раскажувач на балканските премрежиња, автор на цела библиотека романи кои ги осветлуваат заплетите на интимно-семејните, регионалните и универзалните човечки и историски драми. Ја дишеше и ја пишуваше митологијата на Балканот, ја создаде повеќеслојната и богата „Балканска сага“, составена од 17 романи, која ќе биде траен сведок за неговата писателска умешност и за неговиот хуманистички и космополитски дух - велат од Друштвото на писатели на Македонија.
Врвен интелектуалец, личност со импресивна морална вертикала, амбасадор за пример за многу генерации и прекрасна личност, голем книжевник, најревносниот прозен илустратор на балканската сага... Вака го опишуваат академик Луан Старова неговите пријатели и почитувачи на неговото дело. Со длабоко жалење ја примија веста и во Македонската амбасада во Франција. Старова во 1994 беше именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и во Португалија.

- Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи. Одликуван е со високото француско признание офицер од Редот на легијата на честа - напишаа од Амбасадата.



Писателката Оливера Ќорвезироска се збогуваше со писателот:

- Меѓу нас секогаш беше и ќе остане „Митска птица“, книгата на која работев 1991 година и заедно со професорот поминавме неколку недели во една мала, светла канцеларија на југ. Работејќи и зборувајќи за книгата, но и за сѐ и сешто. Пишуваше и допишуваше пред мене; читав и препрочитував пред него. Светол Ви пат, Луан! - напиша таа.
Македонскиот писател и академик од албанска националност Луан Старова, поет, есеист, преведувач, универзитетски професор, научник-компаративист и поранешен дипломат беше член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите. Во ДПМ членуваше од 1970 година. Од неговите многубројни романи ќе останат запаметени и читани и: „Татковите книги“, „Времето на козите“ , „Пресадена земја“, „Патот на јагулите“, „Тврдина од пепел“ , „Балкански жртвен јарец“, „Ервехе – книга за една мајка“,„Цариградски емигрант“ „Генералот и пеперугата“, „Јаничари“, „Баба“ и други. Творештвото на Луан Старова доживеа преводи и позитивни критички огласи во многу европски средини.

Радован Павловски - автор на врвни поетски изблици

Академик Радован Павлоски е поетот класик во македонската литература, препознатлив по определбата додадена кон неговото име - „принц на метафората“. Стиховите на Радован Павловски се преведени на голем број странски јазици. Тие се врвни поетски изблици, складирани во ризницата на македонската литература, посочија од Друштвото на писателите на Македонија.

- Радован Павловски беше роден поет, ретко ни се раѓаат такви поети. Поезијата што ни ја остави дава вечен живот на неговите зборови, тој ни покажа колку се моќни македонските зборови, што сѐ може да се искаже и каде сѐ може да се допре со нив - вели Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писателите на Македонија.
Писателката Ирена Павлова де Одорико, која живее во Италија, се потсетува на зборовите на Павловски.

- „Не е грев да се љуби, грев е да не се љуби“, ми рече. И повторно се изнајдовме како духовни близнаци, красниот принц на метафората - маестро Радован Павловски - пишува Де Одорико.



За поетот се огласи и Мите Стефоски, директор на „Струшките вечери на поезијата.

- Безмерно луциден, секоја мисла му беше поетска, секоја реч-создавање... Еден и единствен! - вели Стефоски.
Павловски сиот живот ѝ го посветил на поезијата, за што говори грандиозниот опус. Покрај стихови, пишувал и есеи, патописи и се занимавал со публицистика. Член е на ДПМ од 1961 година. Член е на МАНУ и на македонскиот ПЕН. Автор е на огромен број книги поезија од „Суша, свадба и селидби“ , „Низ проѕирката на мечот“ и „Молњи“, преку „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“, „Бог на утрото“, „Светлина“, „Јавач на звукот“, до „Свртничар на светлините“, „Господар на перото“, „Океан во капка“, „Заштитна повелба“ , „Воспеви“, „Јас сум време“ и други.
Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Повелба на печалбарите“, „Гоцевата повелба“, „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга, Жезол на ДПМ (2002), Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011) и на највисокото признание што го доделува ДПМ за поетски опус, повелбата „Блаже Конески“ (2020). Добитник е и на многу странски книжевни награди и признанија, како и на Орден за заслуга за народ со сребрени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признаени биографски дела“.

Драги Михајловски - еден од најпочитуваните и најсакани професори


Проф. д-р Драги Михајловски остави неизбришлива трага во животот на сите вработени и студенти на Катедрата при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со својата работа како професор кој израсна многу генерации преведувачи и ги научи на тајните и убавината на оваа професија.

Не смееме да ја заборавиме и трагата што ја остави во македонската книжевност и култура со своите романи, раскази и теоретски дела како „Под Вавилон“, но најмногу со колосалниот потфат да ги преведе Собраните дела на Шекспир, со што го збогати повеќекратно македонскиот јазик и културен простор, нешто што не смееме да го заборавиме на овој ден на мајчиниот јазик. За сето ова, вечна му благодарност и незаборав - вели професорот Милан Дамјановски.



И студентите се збогуваа со омилениот професор. Зоран Радически е еден од нив.

- Веројатно не постои студент на филолошки студии, отсек англиски јазик (книжевност или преведување) на националниот универзитет што можеби во изминативе четириесетина години не слушал предмет, предавање или на каков било начин не учел од овој човек, Драги Михајловски. Можеби најголемиот преведувачки и книжевен гуру, сериозен и сатиричен препејувач на англосаксонската литература на македонски јазик, гениј на матрицата на преводливост, маѓепсник на јампскиот петерец, раскажувач на кратки и долгометражни раскази инспирирани од секојдневниот животец на обичниот македонски човечулец, заводник на песникарењето со страгорадски битолски шмек. Човекот што го донесе и доближи книжевниот англиски јазик до македонските говорители и го збогати со брилијантни преводи тој наш мајчин јазик. Неговите преводи се оригинален преведувачки животопис, т.е. превод кој честопати изгледа на оригинален негов текст, а не на превод. Па дури и кога се работи за еден Шекспир. Да, единствениот кој ги превел на македонски сите драмски дела и сонети на Шекспир. Колку се тоа изминати доцни часови, испиени кафиња, прегорени очи, истрошени нерви. И, учеше и воспитуваше цели генерации преведувачи, беше исклучителен пример за како би требало да се преведува книжевноста - вели неговиот студент.

Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот