X
 05.01.2021 Наша тема

Да ми кажеше некој дека празнициве ќе ги поминам со кифлички и руска дома, немаше да му верувам. Психолозите до младите: „Истрајте, ќе помине!“

Пандемијата не им даде поголема слобода на тинејџерите ни во уживањето на новогодишните празници. Голем дел од нив мораа да го откажат празнувањето поради строгите мерки за заштита од коронавирусот, личниот страв од болеста и сопствената свесност

Наместо по кафулиња и станови со весела дружба, добар дел од средношколците најлудата ноќ ја поминаа дома. Имаше и непочитувачи кои во друштва славеа по куќи или викендици, но нивниот број беше помал во однос на оние што немаа големи социјални контакти.

Наместо пред Цепенков, средби на „Дискорд“

- Да ми кажеше некој лани дека Новата година ќе ја дочекам со кифлички и руска салата на домашна трпеза, немаше да му верувам. Одлично е да бидете покрај најблиските, но да не занемариме и дека ние како млади имаме потреба од дружба, забава. Сепак, успеавме во 15 до полноќ накратко да се видиме во дворот на една другарка, сите со маски, и си честитавме без прегратки и бакнежи. Ова беше најтешката Нова година, но мислам дека бевме одговорни - вели 16-годишната битолчанка Марија Симоновска.



Наместо ноќна шема, празничниве денови се случува денска шема низ кафулињата во повеќе градови низ државата.

- Ех, да се врати времето кога си велевме да се чекаме пред Цепенков (Центарот за култура во Прилеп), а не на „Дискорд“. Ех, кога пак би излегувале во 20 или 21 часот, а не како сега во 16 часот. Деновиве кафулињата се полни, па ретко успеваме да фатиме слободно место. Остануваме надвор до 18 часот, потоа секој по дома. Во кафулињата сме без маски, според протоколите, но тешко се шират нови контакти, нема многу познанства. Стравуваме да имаме контакти со нови пријатели, не е сигурно. Како светот и животот да ни застанаа - вели Дамјан Николоски, средношколец од Прилеп.

Можеби нема услови за дружења и познанства во живо, но позитивна вибрација е тоа што група средношколци од Битола, иако заврши првото полугодие, на интернет-апликацијата „Дискорд“ се поврзуваат во договорено време и сами си организираат дебати за чувствителни теми, како што се родовата определба на луѓето, дали религијата треба да се изучува во училиштата и друго.

Од фотоалбумот на гимназија „Јосип Броз Тито“

Сѐ помалку нови пријатели, контакти и љубовни врски

Празниците донесоа ентузијазам, но и фрустрации. Физичката дистанца најтешко им паѓа на младите. Адолесценцијата е период кога лицата имаат природна потреба од контакти, нови познанства, забава, а поради пандемијата, повеќето останаа со ограничен број контакти, без нови пријателства, додворувања, нови љубовни врски.

- Секако дека ги учиме децата да ги почитуваат мерките, од тоа нема отстапување. Сведоци сме и на нивните жртвувања, фрустрации, откажувања. Замислете, тие немаат заедничка фотографија од класот, како што сите чуваме во старите албуми. Немаат спомени од заедничка средношколска екскурзија. Останаа без матурски забави. Нервозни се, тешко остваруваат нови контакти, нови љубовни врски. И познанствата се виртуелни, онлајн. Замислите шеснаесетгодишници кои десет месеци се во истите кругови на пријатели - вели Олгица Лозановска, мајка на тинејџерка од Ресен.

„Да ги прифаќаат промените и да живеат среќно, ова нема да трае вечно“, вели психологот Лидија Споа

Задачата да се справат со последиците што средношколците ги имаат поради ограничените социјални дружења, освен на родителите паднаа и на педагошко-психолошките служби во училиштата. Во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола во изминатите четири месеци се одржаа многу активности за да им се помогне на учениците, родителите и наставниците. Од онлајн-предавања, советувања, работилници, настани, вклучувања на класни часови за да се дадат насоки за справување со стресот, телефонски контакти со ученици, професори, родители и за викенд, дури и новогодишен онлајн-концерт со музички бендови за расположение.


Фото: Приватна архива

- Ги советувам дека ситуацијата во која се наоѓаме нема да трае вечно. Ние не можеме да ја избереме или да ја промениме состојбата во која се наоѓаме поради пандемијата, но затоа пак можеме да избереме како и на кој начин ќе реагираме. Ги насочувам свесно и разумно да размислуваат и да ја прифатат ситуацијата таква каква што е, да не се плашат, да живеат среќно и смирено да ги прифаќаат секојдневните промени. Сакам и се трудам да ги насочам позитивно да размислуваат, а не да им зборувам за последици, често ги засмејувам на состаноците и секогаш се трудам да ги расположам. Во тоа ми помага и Младинскиот актив на гимназијата, со кој реализиравме интересни предавања и настани на „Мајкрософт тимс“ - вели психологот Лидија Споа.

Учениците би направиле сѐ за што побрзо да се вратат во училишните клупи

Во тек е зимскиот распуст, но искуствата покажуваат дека и на учениците и на професорите во изминатото полугодие им недостигаа полните училници.

- Училиштето беше празно, училниците празни, ни недостигаат учениците, ни недостига нивната смеа, нивните гласови, едноставно ни недостига сета онаа училишна атмосфера на која сите ние сме навикнати. Во разговори со учениците, тие споделуваат дека би направиле сè за што побрзо да се вратат во училишните клупи, тешко им е, сѐ што им беше вообичаена практика, излегување, дружење, патување, сега им е сведено на минимум. И ним им недостига наставата со физичко присуство и кажуваат дека ништо не може да ја замени атмосферата на часовите во гимназијата - вели психологот Споа.

Фото: Од фотоалбумот на гимназија „Јосип Броз Тито“
Подготвил: Жанета Здравкоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема