X
 10.10.2023 Живот

Подлабок поглед: Менталното здравје на младите во Македонија и пошироко

Специфичните податоци за Македонија исцртуваат детална слика за менталното здравје на нашите адолесценти и како тоа се споредува со поширокиот тренд во Европа и Централна Азија.

Денеска, кога светот го одбележува Меѓународниот ден на менталното здравје, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ги објави најновите податоци за ментално здравје од студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“, откривајќи широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија: широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња. Сликата во Македонија не е далеку од овие состојби. И кај нас со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.

Чести нерасположенија, речиси секојдневно, во последните шест месеци пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби истовремено повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.
Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Македонија. Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.
За овие наоди, Лина Ќостарова-Унковска, водечки истражувач на студијата за Македонија, изјави: „Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да дејствуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка.“

По повод овие наоди ги слушнавме и младите, и нивните пораки до родителите, наставниците и политичарите се јасни:
„Важно ни е родителите да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование“ - средношколците Алтина и Даријан ги пренесоа заклучоците од работилницата со нивни врсници за резултатите од истражувањето, на 20-годишниот јубилеј од спроведувањето на студијата ХБСЦ во Македонија.

Афродита Шаља, шефицата на Канцеларијата на УНФПА во Македонија, истакна: „Фондот за население се залага секој млад човек целосно да го достигне сопствениот потенцијал. Во таа насока, ние ја поддржуваме ХБСЦ студијата во Македонија изминативе години, затоа што докажано е дека за суштинско подобрување на добросостојбата на младите, неопходни се квалитетни податоци и интегриран пристап за прашањата поврзани со добросостојбата на младите, вклучувајќи го сексуалното и репродуктивното здравје, односите помеѓу родовите, насилството и злоупотребата на дигиталните алатки. Без пристап до сервиси за поддршка и советување, отворен дијалог со училиштата и родителите не може да се постигне напредок.“

„Овие сериозни наоди, како и изјавите на децата го адресираат училиштето како агенс на промена. Да ги направиме училиштата места каде што учениците ќе се чувствуваат безбедно и задоволно. Да ги поддржиме учениците тие да бидат изворот на промените во училиштата преку користење на своите потенцијали, креативност и лидерство. Искусувањето на процесите на партиципација низ лично доживување е основа на менталното здравје и добросостојба“ - тврди Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“ и претседателка на активот на стручни соработници на Град Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот