X
 05.01.2024 Образование

Нобеловец е против трендот на масовно запишување на технолошките студии

Студиите во областа на технологијата се едни од најпопуларните во моментов насекаде во светот. Меѓутоа, економист кој е добитник на Нобеловата награда предупредува на овој тренд.

Кристофер Писаридес, професор по економија на Лондонската школа за економија, смета дека работниците во ИТ-индустријата што работат на развој на вештачката интелигенција ризикуваат да ги изгубат сопствените работни места во иднина.

- Вештините што се потребни сега - за собирање податоци, организирање, развивање и користење за да се развие следната фаза на вештачката интелигенција или за да ја направат вештачката интелигенција поприменлива за работните места - ќе ги направат застарени овие работни места бидејќи технологијата ќе ја врши работата - вели Писаридес.

Тој додава дека побарувачката за овие нови вештини го содржи „своето семе на самоуништување“. Според него, иако интересот за ваквите студии е голем, можеби нема да има доволно работни места за сите дипломци.

- И покрај фактот што гледате раст, тој не е толку голем за да понуди работни места за сите дипломци од областа - вели тој.

Наместо тоа, Писаридес посочува дека меките вештини како комуникација и емпатија, во секторите угостителство и здравство, веројатно повеќе ќе се бараат во иднина бидејќи тие не може да бидат заменети со вештачка интелигенција.

Извор: Business insider
Насловна фотографија: The London School of Economics and Political Science 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование