X
 29.08.2019 Живот

Ова е најдобриот паметен град во светот

Излезе шестото издание на истражувањето „Градови во движење“ („Cities in Motion“), труд на професорот Пасквал Бероне и Џоан Енрик Рикарт.

Експертите од Центарот за глобализација и стратегија ја истражувале стапката на развој во 174 града од 80 земји. Истражувањето годинава опфати уште девет нови града во споредба со 2018 година, што укажува на развојот на концепти на паметни градови низ светот. Индексот „Градови во движење“ бил создаден за да им помогне на јавноста и на градските власти да ја препознаат успешноста на сопствениот град и на градовите што можат да им служат како пример.

Успехот на еден град се гледа во девет димензии, а тоа се човечкиот капитал, социјалната кохезија, економијата, управувањето, животната средина, мобилноста и транспортот, урбанистичкото планирање, меѓународната успешност и технологијата.

Концептот на рангирање овозможува да се идентификуваат силните и слабите страни, а со оглед на тоа дека одржливоста се мери на економски, социјални, еколошки и технолошки основи, може да се процени квалитетот на животот на граѓаните во комбинација со сите фактори.

Токму врз тие основи, Лондон, кој три години по ред го заземаше второто место, оваа година се најде на првото место. Главниот град на Велика Британија постигна извонредна позиција во речиси секоја димензија. Си обезбеди прво место во категориите човечки капитал и меѓународна успешност, а за димензиите управување, мобилност и транспорт, технологија и урбанистичко планирање, се најде во десетте најдобри.

Најлошо место градот имаше во димензијата социјална кохезија, рангирајќи се на 45. место. Но, присутно е подобрување во споредба со 68. место во 2018 година и 105. место во 2017 година. Паметниот Лондон е интересен за програмерите и стартап-компаниите повеќе од кој било друг град во светот, а отворената платформа за податоци „Лондон датастор“ ја користат повеќе од 50.000 луѓе, фирми, програмери и истражувачи на месечно ниво.

Лондон создава важни чекори во сообраќајот со користење на мобилните капсули на „Хитроу“ што се спојуваат со аеродромот „Хитроу“. Освен тоа, се вложува и во најголемиот проект „Кросреил“, со кој се воведуваат нови железнички линии за спојување на постојните 30 станици во градот до крајот на 2019 година.

london
Фото: Fotolia


Зад Лондон на листата со најпаметни градови се најде Њујорк, откако три години по ред го освојуваше првото место.

Сепак, Њујорк остана водечки град со најголем БДП, а си обезбеди и трето место за човечки капитал, второ за урбанистичко планирање, осмо место за меѓународна успешност и петто место за мобилност и транспорт. Денес поседува речиси 7.000 високотехнолошки компании и се истакнува по своите интегрирани технолошки услуги, како бесплатната безжична услуга „ЛинкЊујорк“, а таквите напори му обезбедија високо 11. место кога станува збор за примена на технологијата.

Амстердам, кој во 2018 година се најде на 10. место, се истакнува по меѓународниот успех, а оваа година направи неверојатен скок на 3. место.

Тој обезбеди 10. место во економија, 7. во технологија и останува во првите 20 во речиси сите димензии. Градот се покажа како важна европска сила за „ФинТех“, енергетска ефикасност и култура. Речиси 90 отсто од домаќинствата во градот користат велосипеди за транспорт, а притоа придонесуваат и напредните автоматизирани услуги за јавно користење на заеднички велосипеди. Со забраната за бензин и дизел-автомобили до 2025 година, се очекува да биде првиот град со нулта емисии во Европа.

Париз доживеа минимален пад од трето на четврто место. Градот е седиште на речиси 50 отсто од француските компании, како и 20 од 100 најголеми компании во светот. Градот на светлината постојано ја охрабрува употребата на велосипеди и електрични возила и се препознава по своите иновации. Проектот „Гранд Париз експрес“ е едно од најголемите преуредувања на сообраќајот во Европа и ќе додаде четири дополнителни метро-линии, 200 километри нови железнички линии и 68 нови станици, а сето тоа ќе биде поврзано со 100 отсто автоматски метро-систем.

Рејкјавик, градот со најголем метеж во Исланд, ја задржа позицијата уште од влегувањето во 2018 година. Иако е еден од најмалите градови, тој одлично се наоѓа во димензијата животна средина. Над 90 отсто од електричната енергија и околу 80 отсто од вкупната енергија во регионот доаѓаат од хидроелектрани и геотермална енергија. Градот работи на зголемување на користењето на обновливи извори на енергија, истовремено намалувајќи ја зависноста од фосилни горива.

Токио падна за две места. Сепак, главниот град на Јапонија и понатаму е признат по највисоката стапка на продуктивност на работната сила и затоа се наоѓа на 3. место во димензијата економија. Според „Бизнис инсајдер“, станува збор за најиновативниот град во светот и е рангиран во првите 10 глобални финансиски центри за 2018 година.

Иако Токио е најдобро рангиран азиски град, Сингапур е најдобро оценет град во димензијата технологија. Сингапур е град што на своите граѓани им обезбедува најголема брзина на интернет и речиси 100 отсто од населението користат мобилни телефони. Има доста богата технолошка култура, а го карактеризираат болниците со роботски персонал, автономно такси, фарми и градини со технолошки контролирана температура и многу други работи. Се наоѓа на 4. место за меѓународна помош и на 10. место за животна средина.

Копенхаген не беше присутен на ранг-листата со најпаметни градови во 2018 година, а сега си обезбеди 8. место. Градот се најде на 3. место во димензијата животна средина, а вети и дека ќе постигне јаглеродна неутралност до 2025 година. Си обезбеди 10. место во димензијата технологија и остана во топ-25 во сите други димензии.

Берлин се најде на деветто место во 2017 година, излезе од првите 10 во 2018 година, а сега повторно ја зазеде деветтата позиција оваа година. Го освои местото благодарение на високото 5. место во димензијата човечки капитал и меѓународен успех, 6. место за управување, а 7. место за мобилност и транспорт.

Главниот град на Австрија, Виена, е нов град што се најде во првите десет најдобри. Најдобрите резултати се гледаат во димензиите мобилност и транспорт, како и меѓународен успех.

Повеќето водечки паметни градови во светот се разделени со илјадници километри и имаат различни временски зони и култури на живеење. Сепак, меѓу сите овие разлики постои една заедничка врска: употреба на локациска интелигенција за оптимизирање на перформансите и агилност, поедноставување на работењето, подобрување на свеста за ситуациите и обезбедување придобивки за жителите на градот.

Важноста на податоците и нивниот одраз на создавање нови иновации се рефлектира во дури шест од девет параметри. Во димензијата животна средина Сан Франциско се истакнува, а неговите урбанисти може да дизајнираат модели на потенцијални згради и така да го предвидат влијанието врз животната средина. Ваквиот процес на градење е насочен кон зачувување на зелените површини и урбаните области и тоа им помага да не го зголемат загадувањето.

Демократизацијата на информациите, заедно со децентрализацијата, не само што го забрзува донесувањето на одлуките туку и го зголемува учеството на граѓаните. Градските власти може да користат географски информативен систем за широко споделување на податоците во сите оддели. Лос Анџелес, кој се најде на 16. место, создаде централизиран, лесно достапен центар за информации. Градските власти таму комуницираат со децата во врска со паметните градски иницијативи, што на димензијата управување ѝ дава дополнителна вредност.

Технологијата е камен-темелник за развојот на еден паметен град. Беспилотни летала, автономни возила, внатрешно позиционирање, дигитални близнаци, сите собираат податоци. Проширувањето на 5Г-мрежата би довело до побрзи можности за собирање податоци, со што иновациите и технолошките процеси ќе бидат значително полесни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот