До моите европски пријатели,
Сакав само да ви кажам дека иако мојата земја донесе луда, детска и веројатно самоубиствена одлука да ја напушти Европа, јас и понатаму сум горд што сум Европеец и горд на големиот социјален експеримент што го претставува Европската Унија. Според мене, јас сè уште сум во Европа, и тука ќе останам. За Англија сега е крај, и следните генерации ќе им судат на резултатите.
Но, пишувам затоа што сакам да ви кажам што се случи со Англија.
Ги имаше сите системски состојки за кои веројатно знаете - корумпиран и лажен печат во сопственост на мал број многу богати луѓе; апсурдна и внимателно негувана илузија за империјалното минато на Англија; естаблишмент на медиуми што напредува од вниманието и кликовите и со тоа ги засилува политичките шанси на луѓе како Трамп и Џонсон; екосистем на социјални мрежи што води поларизација наместо компромис и низа неистакнати лидери кои очигледно не разбрале ништо за кој било од овие системски проблеми.
Но, постои и нешто друго, и тоа е целта на ова писмо: оние што се нарекуваат себеси либерали и социјалисти или демократи, воопшто не внимаваа. Повеќето од нас забележаа дека условите за луѓето што работат стануваат сè посурови секоја година. И не забележавме дека медиумите неодоливо ја насочуваа вината за тие состојби кон жртвите - имигрантите, сиромашните, социјалните работници, наставниците, странците... и најмногу од сè - кон ЕУ.
Не забележавме затоа што за нас животот не беше лош - сите ги имавме нашите ајфони и апликации, амазон-профили и евтини летови до морските брегови и други начини на трошење на времето. Во меѓувреме, се случуваше револуција.
Не ја препознаваме револуцијата бидејќи секогаш мислевме дека ние треба да бидеме револуционерите. Револуцијата се случи, додека ние седевме на нашите задници гледајќи „Нетфликс“.
Прилично сум уверен дека и вашите земји наскоро ќе се соочат со кампањи за излез - ако веќе се немаат соочено. ЕУ е лесна цел за секој амбициозен политичар: Сакате да станете големо име во политиката? Идентификувајте проблем, обвинете ја ЕУ за него, а потоа почнете да го јавате националистичкиот коњ со помошта што медиумите неизбежно ќе ви ја дадат.
Ве молам, мои пријатели во Европа, не правете глупави грешки какви што направивме ние. Немојте само да им се смеете на луѓето како Трамп и Џонсон и преостанатите бидејќи наскоро ќе ве изедат. Ако сакаме обединета
Европа да преживее, сега треба да ја одбраниме. Разговарајте за тоа. Размислете за тоа. Подобрете ги работите.
Со среќа на сите и се надевам дека повторно ќе се видиме за генерација или две.