X
 30.11.2018 Економија

Ако Британија ја напушти ЕУ без договор, економијата ќе се намали за 10,7 отсто за 15 години

Ако Обединетото Кралство излезе од ЕУ без договор со Брисел, британската економија ќе се намали за 10,7 отсто во следните 15 години, покажува новата студија на владата на Тереза Меј, пред која стои тешката мисија да го истурка во британскиот Парламент постигнатиот договор за условите за излез на Велика Британија од Унијата.

Според пресметките, британската економија во случај на излез од ЕУ без постигнат договор би можела да изгуби околу 200 милијарди фунти, или околу 3.000 фунти по жител. Најпогоден би бил североистокот на Англија, регион кој на референдумот силно го поддржа Брегзит.

Очигледно позицијата на Велика Британија на светската скала би била сериозно загрозена ако земјата ја напушти ЕУ без договор. Но, поголем проблем е и што Британците во случај на излез од ЕУ без договор би станале значително посиромашни.

Иако е јасно дека „црното сценарио“ на Брегзит би било голем удар за Островот, извештајот на владата во Лондон, британските и светските медиуми го оценуваат како едностран. Имено, освен опцијата за излез од ЕУ без договор, постојат и други можности, но Даунинг стрит не дава јасни одговори на прашањата какви штети би претрпела британската економија доколку се реализира некое од тие сценарија. Она што е јасно е дека во сите тие сценарија Британија е губитникот и тоа речиси во сите сектори од економијата.

Според анализите на одредени медиуми, Британците би поминале најдобро во случај на прифаќање на договорот што Меј го постигна со Брисел. Според тоа сценарио, кое подразбира задржување на блиските врски со ЕУ, британскиот БДП би се намалил за 0,6 отсто во период од 15 години, или најмногу 2,5 отсто ако целосно се запре миграцијата од ЕУ во Велика Британија.

Малку послабо би поминала Британија и ако склопи договор со ЕУ по примерот на оние што ги имаат Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Поголем удар за британската економија би било склопување стандарден договор за слободна трговија со ЕУ. Сепак, мали се шансите дека ќе има такво решение, а исходот би зависел не само од договорот за слобода на движење на стоката и услугите, туку и на работната сила, која ѝ е потребна на британската економија.

15 најголеми светски економии за 2017 (номинален износ на БДП, во милијарди долари)
Фото: Jutarnji

Во меѓувреме, „Гардијан“ пренесува дека Лондон до март 2019 година ќе изгуби околу 800 милијарди евра (700 милијарди фунти) капитал на сметка на финансискиот центар кој му е ривал на овој град - Франкфурт - како што банките ги префрлаат бизнисите во германскиот град пред денот Д, односно денот кога Обединетото Кралство веќе нема да биде во ЕУ.

Лоби-групата „Франкфурт Мeјн фајнанс“ ја објави сумата откако беше потврдено дека 30 банки и финансиски компании го избрале градот како местото каде што ќе бидат нивните нови седишта во ЕУ.

Но, со оглед на тоа дека неколку банки планираат да ги прошират нивните операции во повеќе градови, меѓу кои и Даблин и Париз, групата верува дека бројот на компании што ќе се прошират или ќе отворат канцеларии во Франкфурт ќе биде околу 37.

На крајот тоа би значело повлекување милијарди фунти капитал од Лондон во Франкфурт во рок од само неколку месеци.

- Сè на сè, очекуваме трансфер од 750 до 800 милијарди евра капитал од Лондон во Франкфурт, од што поголемиот дел ќе биде трансфериран во првата четвртина од 2019 година - истакна Хубертус Вет, генерален директор на групата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија