X
 15.05.2022 Образование

Средношколците во Велика Британија ќе имаат предмет за климатските промени

Учениците од средните училишта во Велика Британија ќе слушаат предмет за климатските промени. Предметот ќе почне да се слуша во септември 2025 година, најавил државниот секретар за образование Надим Захави.

Министерството за образование во Велика Британија изработило стратегија за одржливост и климатски промени со која земјата сака да стане светски лидер во едукацијата за климатските промени до 2030 година.

Учениците ќе учат за организмите и околината во областа на одржливоста и ќе го продлабочат знаењето за природата. Во овој предмет ќе се набљудува, опишува, снима и анализира состојбата на околината на терен, ќе се учи за препознавање на видовите и за начини како да се зачува природата.


Фото: Pixabay

Планирани се и обуки за јаглеродна писменост со кои граѓаните ќе учат за развивање климатски акциски планови кои ќе имаат мерки за заштита и отпорност од последиците од климатските промени.

- Обезбедуваме подобар, посигурен, позелен свет за идните генерации, а образованието е едно од нашите клучни оружја во борбата против климатските промени. Претприемачкиот дух на оваа земја ме уверува дека ќе победиме во оваа борба - изјавил Захави.

Дел од стратегијата за одржливост и климатски промени на Велика Британија е и забрзување на процесот за воспоставување образовни установи кои испуштаат минимално количество јаглероден диоксид. Меѓу другото, учителите ќе добијат бесплатни ресурси за климатско образование и ќе се зголемува биодиверзитетот во градинките, училиштата и факултетите со хранилки за птици и „хотели за бубачки“.

Извор: Green
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование