Македонското еколошко друштво (МЕД) со Националниот парк „Маврово“ на 24 февруари со помош на кафез-замка фатија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на селото Ростуше.
Како што соопштуваат од Друштвото, се работи за женка рис на возраст од шест до седум години, тешка 15 килограми, и е здрава и витална. Таа е крстена Лиса и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД.
Околувратникот ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.
-Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци асистираше претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, биолог вработен во НП „Харц“, Германија како и вработени во Националниот Парк „Маврово“ - информира МЕД.
Досега со радиотелеметрија и GPS лоцирање се фатени девет различни единки рис во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис, кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, кој, според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN), е животно со критично загрозен статус.
Извор: МИА